Во Специјализираните совети на Косово во Хаг беше донесена одлука за отфрлање на заедничкото барање на тимовите на одбраната кои ги застапуваат Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи до судот за одржување на непристрасност, пренесоа косовските медиуми.
Судскиот совет за судскиот случај за поранешните водачи на ОВК, донесе одлука по барањето на четирите тима на одбраната, со која беше побарано советот да преземе мерки за да се обезбеди непристрасност на процесот и да се избегне штета врз обвинетите.
„Основниот суд ги разгледа приговорите на одбраната, но го отфрли барањето, наоѓајќи дека сослушувањето на судот не ги нарушува правата на обвинетиот ниту, пак, ќе наведе разумно информиран набљудувач разумно да согледа пристрасност. Повеќе детали можете да најдете во решението што го донесе судот“, се наведува во соопштението.
Ова е втора одлука во овој судски предмет поврзана со приговорите на одбраната за тоа како Судскиот совет ги испрашувал сведоците.
Првата одлука беше донесена од страна на Апелациониот суд во јули 2023 година, кога беше одбиено и барањето на одбраната.