Денес, Камала Харис се упатува во Висконсин на два настани – еден во округот Отагами и друг во Милвоки. На настанот во Милвоки ќе настапи раперката Карди Би, која може да се пофали со над 200 милиони следбеници на различни платформи на социјалните медиуми.
Трамп најпрво ќе биде во градот Ворен во Мичиген, каде што најверојатно ќе зборува за инфлацијата и ќе ги критикува иницијативите за електрични автомобили на администрацијата на Бајден-Харис. Ворен е во округот Макомб, област која Трамп ја освои со осум поени во 2020 година.
Кој е во водство Харис или Трамп?
Националните анкети во моментов покажуваат дека Камала Харис води пред Доналд Трамп за еден процентен поен – 48% наспроти 47%. Трамп има мало водство во клучните сојузни држави Аризона, Џорџија, Невада, Северна Каролина и Пенсилванија. Во двете други држави – Мичиген и Висконсин – Харис водеше од почетокот на август, понекогаш и со два или три поени, но анкетите значително се затегнаа.(повеќе: „Анкети за изборите во САД: Кој е во водство, Харис или Трамп?“)
Деморатите би го признале поразот?
Американските конгресмени од Демократската партија соопштија дека ќе ја признаат евентуалната победа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Тие истакнаа дека сакаат трансфер на власта без драма, без оглед на ставовите на некои конгресмени дека Трамп не е подобен да се врати на претседателската функција поради уставната забрана, имено 14-тиот амандман, со кој се забранува кој било федерален функционер кој „учествувал“ во бунт повторно да биде на функцијата.(повеќе: „Политико: Демократите најавија дека би ја признале евентуалната победа на Трамп“)
Предвремено гласање
Повеќе од 65 милиони Американци ја искористија можноста да гласаат предвреме и да го дадат својот глас на претседателските избори во САД на 5 ноември. Овие бројки се однесуваат само на 26 држави со информации за јавна регистрација на партиите, што опфаќа нешто помалку од половина од вкупниот број предвремени гласања.(повеќе: „На изборите во САД веќе гласаа повеќе од 60 милиони Американци“)
Подготви: Б. Ј.