Одмаздничките напади на Иран ги потресоа зградите во Израел, според поранешниот израелски амбасадор Мајкл Орен, кој вели дека тој и неговото семејство сега се во „безбедна соба“.
„Зградата се потресе не малку, пред неколку минути“, изјави поранешниот израелски амбасадор во Соединетите Држави за Си-Ен-Ен.
Иран испали „стотици различни балистички ракети“ кон Израел, во она што Техеран го нарече почеток на својот „разорен одговор“ на израелските напади во петокот наутро, според официјалната новинска агенција на Иран, ИРНА.
Орен рече дека добил предупредувања на својот мобилен телефон пред нападите за да „ни каже точно, знаете, што да очекуваме и каде да одиме кога ќе пристигне очекуваното“.
„И очекуваното навистина пристигна“, додаде тој.
Тој ја истакна ефикасноста на израелската Железна Купола во спречувањето на некои од иранските ракети.
„Ако Иран испалил 100 ракети кон нас и пет до седум погодиле, тоа е вообичаено“, рече Орен.
Седум лица се „лесно и умерено повредени“ по иранскиот напад што ја погоди границата меѓу Тел Авив и градот Рамат Ган во Израел, истакна Ели Бин, шефот на Маген Давид Адом, израелската служба за итни случаи.
Исламската револуционерна гарда соопшти дека Иран извршил напади врз „десетици цели, воени центри и воздухопловни бази“, кои му припаѓаат на Израел.
Се наведува дека операцијата е наречена „Вистинско ветување 3“ и дека дополнителни детали ќе бидат објавени.
Според иранската државна телевизија Прес ТВ, израелски ракети вечерва беа пресретнати над градот Тебриз во северозападен Иран.
Ј. Ѓ.