Откако пред два дена кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, одби јасно да ја демантира шпекулацијата за средба со поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски, денеска тој преку соопштение од неговата партија ги отфрли наводите на владејачката ВЛЕН. Според ВЛЕН, Османи наводно се сретнал со Груевски во Будимпешта со цел да се обезбеди поддршка за уставните измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за моја наводна средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за поддршка на уставни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата.
Додека тие освен негативна кампања ништо друго не нудат, ние креираме движење за промени кое расте до ден во ден. Одговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври“, се вели во соопштението.
„Средбите на министрите за надворешни работи се класифицирани средби и по закон не можат да се откријат. Дури и да имало нешто такво, тоа ќе било во рамките на функцијата на министерот за надворешни работи“, рече Османи пред два дена (на 1 септември).
Првиот вицепремиер и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, најави дека откако Османи ќе одговори на ова прашање, ќе каже кога било и како било.
„Ќе поставам прашање – дали е вистина дека најмалку двапати бил во директна посета со Груевски, ќе почекам да видам како ќе одговори, па потоа ќе му кажеме кога било и како било“, изјави Меџити.
ЦМДТ