Претседателот Стево Пендаровски денеска во Стокхолм, во рамки на работната посета на Кралството Шведска, се сретна со спикерот на Парламентот на Шведска, Андреас Норлен, како и со дел од членовите на комисиите за надворешни работи, за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Северна Македонија и со претседавачот и членови на Управувачката група на соработката за демократски развој со Северна Македонија.
-На средбата соговорниците констатираа дека Северна Македонија и Шведска негуваат исклучително динамични и пријателски односи, при што беа нагласени заложбите за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и соработката. Во тој контекст, претседателот Пендаровски и спикерот на Парламентот, Норлен ја истакнаа неодамна формираната Управна група за демократски развој помеѓу парламентите на двете држави, како важна додадена вредност на парламентарната и воопшто, на билатералната соработка, се наведува во соопштението.
Во шведскиот Парламент, соговорниците разговараа и за приоритетите на Шведска како актуелен претседавач со ОБСЕ, преку кои ги застапува напорите за зајакнување на демократијата, човековите права и родовата еднаквост на сите релевантни форуми, а се заснова на силна посветеност на европскиот безбедносен поредок, стои во соопштението.