Собранието годинава првата пленарна седница ќе ја почне со интерпелации за работата на тројца министри, еден заменик-министер и претседателка на собраниска комисија. Претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа седницата за 10 јануари и таа најмногу може да трае пет дена, зашто за секоја интерпелација пратениците расправаат одделно, а гласањето недоверба за работата на функционерите мора да заврши истиот ден на полноќ, пишува Слободен Печат.
Со оглед на речиси двотретинското владејачко мнозинство, малку е веројатно дека некој од министрите ќе биде разрешен.
Интерпелациите за Меџити, Стоилковиќ, Тошковски и Исени ги поднесе пратеничката група на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, додека одговорност од пратеничката и претседателка на Комисијата побара пратеничката група на Левица.
Четири од интерпелациите се на ДУИ
Одговорност од Меџити опозициските пратеници бараат поради „неспособноста и неуспехот во управувањето со меѓуетничките односи и со справувањето со важни инциденти што ја загрозиле безбедноста и стабилноста на општеството“.
– Меџити не успеа да се справи со меѓуетничките тензии, со неоправданото и дискриминаторско вмешување на безбедносните сили на Денот на албанското знаме. Беше пасивен околу справувањето со овие ситуации што ја покажува неговата неспособност – пишува во барањето за интерпелација на првиот вицепремиер.
Меѓу другото, во интерпелацијата се додава дека Меџити наместо да дејствува како гарант за мирот и за меѓуетничката интеграција, тој не ги заштитил интересите на Албанците, туку толерирал дискриминација. На товар на првиот вицепремиер се става и „селективното“ апсење за запаленото албанско знаме.
Разрешување на вицепремиерот Стоилковиќ како министер за односи меѓу заедниците се бара поради неговиот неуспех и неспособност во управување со меѓуетничките односи. Тој не успеал да обезбеди еднаков и непристрасен третман на сите граѓани. Освен за инцидентите на Денот на знамето, ДУИ го обвинува Стоилковиќ дека не успеал да управува со меѓуетничката ситуација кога во Куманово беа запалени неколку автомобили и канцеларија на Албанци.
– Стоилковиќ не успеал да ги почитува и спроведе законските одредби за официјална употреба на албанскиот јазик. Стоилковиќ свесно ги занемарил и прекршил правните одредби што овозможуваат користење на албанскиот јазик во официјалната комуникација и државната администрација со што придонел за создавање на атмосфера на тензии и поларизација меѓу етничките заедници – се вели во интерпелацијата.
Пратениците на ДУИ го обвинуваат Тошковски и бараат одговорност од него зашто, како што велат, полицијата презела мерки само против Албанците за инцидентите на Денот на знамето.
– Полицијата без преседан и неоправдано реагираше спречувајќи мирна и традиционална прослава на Албанците. Полицијата наместо да го зачува јавниот ред, поттикна конфликти и ги ескалираше тензиите. Ова беше резултат на неспособноста и на недостигот на професионалност на министерот Тошковски. Додека 17 Албанци беа приведени за запаленото државно знаме, нема преземено никакви мерки за тие кои го запалија албанското знаме. Бараме одговорност од Тошковски поради неговата тенденција, неспособност, непрофесионалност и едностран пристап во управување со вакви ситуации – пишува, меѓу другото, во интерпелацијата за Тошковски.
Од истите причини како за Тошковски,ДУИ бара одговорност и од неговиот заменик Исени. И него го обвинуваат за продлабочување на меѓуетничките тензии.
Интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути, поднесена од Левица е поради несвикување седници по барање на претседателот на Собранието. Се бара одговорност од Даути зашто работи своеволно, несовесно, непрофесионално, противуставно, противделовнички и противзаконски. Левица ја обвинува Даути дека од субјективни причини не го ставила на дневен ред на Комисијата предложениот закон за бранителите. Според Левица, Даути не покажала демократски капацитет да биде претседателка на Комисија. Левица бара пратениците со прифаќање на интерпелацијата да констатираат дека Даути несовесно и неодговорно ја врши функцијата и дека не го почитува Уставот, законите и Деловникот.
За Гаши интерпелациите немаат правни последици
Гаши најави дека интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на почетокот на новата година, но според него, тие немаат правни последици и немаат егзекутивна моќ, што во превод значи дека министрите не може да бидат разрешени.
– Најавата е дека веќе на почетокот на јануари ќе биде свикана првата седница и таа ќе биде за интерпелациите. Ќе бидат ставени на дневен ред, како што предвидува Деловникот. Ако има одговори, ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, ако не, ќе ги ставиме на дневен ред како што доаѓале. Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија за една тема, за еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието – изјави неодамна Гаши.