Иселувањето на младите е голем проблем со кој се соочува Македонија веќе долго време. Разговаравме со претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Бојан Петровски, за причините поради кои заминуваат и кои се мерките кои би можеле да го спречат иселувањето на младите.
Петровски вели дека има многу фактори поради кои заминуваат младите, но дека нема комплетни или стручни анализи за овој проблем.
„Младите си одат за да најдат подобра работа, но тоа сега во ова време ја руши приказната дека младите си одат само поради финансиски причини и економски причини. Одењето во странство за наоѓање нова работа не значи дека е поради парите. Барање нова работа во едно ново место можеби значи нормални услови за работа, од работодавачот кон младиот човек и можеби значи можноста за напредување на самото работно место“, вели Петровски.
Според него, младите си одат и поради политичката ситуација во државата. Тие стануваат свесни за она што се случува околу нив и тоа не им се допаѓа, што е јасна порака до политичарите дека треба нешто да се промени во таа смисла.
Петровски вели дека е потребна национална стратегија, односно стручна анализа, како бројки и повеќе информации во врска со иселувањето на младите.
„Државниот завод за статистика излегува со едни бројки, а Светската банка излегува со многу поголеми бројки. Тоа е заклучок дека под итно ни е потребен попис што би помогнал во таа национална стратегија и анализа за тоа што се случува со оваа проблематика, да знаеме колку луѓе ни се имаат иселено“, додава Петровски.
Тој вели дека главната цел и фокус треба да биде враќањето на младите во државата и дека секоја влада треба тоа да го стави како приоритет, бидејќи иселувањето е дел од главните три проблеми со кои се соочува државата.
„Мислам дека постојат шанси младите да се вратат, треба многу работа и засукување на ракави за да се врати довербата кај младите, така што би издвоил некои дел од статистиката каде што се вели дека најголемиот дел од младите се враќаат поради носталгија, но има еден процент на млади кои се враќаат за да инвестираат во земјата“, додава Петровски.
Тој вели дека треба да се врати довербата во институциите и дека недостига комуникација и соработка помеѓу институциите, граѓанските организации и бизнис секторот, со која би дошло до една целина и некои решенија за проблемот.
„Има и други истражувања кои што велат дека доколку на младите им се даде можност да учествуваат во процесите на креирање политики би се чувствувале поважни, дека се дел од нешто и тоа би било една важна мерка која би овозможила на многу млади да бидат директни учесници во креирањето политика во државата и на младинските политики како и на локалните политики“, вели Петровски.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска