Апсолутно мора да се почитува правото на сите верски заедници на слобода на вероисповедта и автономност во организирањето! Тука не смее да има никој дилема, во однос на тоа кој избира органи на верските заедници. Се разбира, тие самите. Овие начела се јасно загарантирани во Уставот. Да не зборуваме за тоа дека односот помеѓу Бога и верникот е приватен, личен, и тоа мора да се почитува, во тоа никој не смее да се меша, а најмалку државата.
Но, верските лидери мора да разберат дека надвор од духовниот свет, освен верници, луѓето се пред се граѓани. Граѓаните се суверените, стопаните на државата во овој другиот свет. Се здружуваат во политички партии, граѓански здруженија, неформални иницијативи итн., за да се справат со проблемите и да си го организираат животот и општеството во реалноста. Во партиите и здруженијата сами си ги избираат раководствата, а на избори оние што ги претставуваат во институциите. И никој не смее да им се меша во тоа право, а најмалку верските лидери.
Односот кон гласачката кутија е исто толку приватен, личен и свет во земската симболика на зборот. Тој однос граѓаните, како стопани на државата, го базираат на информиран избор и слобода на изразување, на граѓанско организирање, а секако и најважно – преку слободно гласање, при што исто така на автономен, слободен начин ги избираат оние што ќе ги застапуваат во институциите и ќе ги решаваат проблемите од нивниот живот.
Не доликува на политиката и политичкото да се мешаат во духовното. Ама истото важи и обратно. Не смее и не треба верските лидери да се мешаат во политиката, да повикуваат на бојкот на гласање, да повикуваат преку медиуми да се гласа за една политичка опција, да благословуваат политичари јавно, да говорат со јазикот на омразата, да посакуваат смрт на луѓе…
Накусо речено – политиката надвор од религијата, ама и религијата надвор од политиката, институциите, изборите, образованието… Се надевам дека се разбираме. Ако не, тешко нас со оваа мака, на сите други големи маки.