Повеќе од половина анкетирани Грци, односно 54,6 отсто, сметаат дека во следните 12 месеци е „многу“ или „доста“ веројатно да се случи инцидент меѓу Грција и Турција, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB“ за грчката телевизија „Стар“, јави дописничката на МИА од Атина.
За решавање на разликите меѓу Грција и Турција, 42,6 отсто од анкетираните, смета дека најсоодветно решение е тужба до Меѓународниот суд во Хаг, а речиси тројца од 10 испитаници (28,8 проценти), одговориле „директен дијалог меѓу двете земји“.
![]()
Одлуката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, да ја предложи Екатерини Сакеларопулу за претседателка на земјата, 55,5 отсто од анкетираните ја оценуваат како „многу добра“ или „доста добра“, а позитивен е ставот на граѓаните и за формирањето на Министерство за миграција и азил.
![]()
Во однос на распоредот на силите меѓу политичките партии, според резултатите од анкетата, владејачката Нова демократија е прва со 33 отсто, 13 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која добива 20 отсто.
44,2 проценти од испитаниците рекле дека Кирјакос Мицотакис е соодветен за премиер, 24,5 отсто го избрале лидерот на опозицијата Алексис Ципрас, а 25,1 проценет на прашањето „кој од двајцата е посоодветен за премиер“ одговориле „никој од двајцата“.
извор: МИА












