Пред почетокот на денешната собраниска седница на која се расправа за уставните измени, ЦИВИЛ Медиа ги праша пратениците кои се нивните очекувања од денешниот ден и седницата.
Дел од нив беа расположени за изјава, а дел само ги одминаа новинарите без коментар.
„Би требало да помине како што треба да помине. Мислам дека на сите ќе ни се разбистри мозокот и би требало веќе да го решиме ова“, изјави Амди Бајрам.
„Сега ќе имаме координација. Ние ќе ја завршиме нашата работа што треба да ја завршиме и оптимисти сме дека ќе ја завршиме. Не викам дека тоа ќе биде денеска, сепак си има процедури и деловник по коишто треба да се придржуваме и да работиме“, рече Мухамед Зекири.
„Господинот Ахмети нема преговарано ниту со господиот Заев ниту со Мицкоски, но има направено доста напори за да се стигне до решение и до усвојување на уставните амандмани и се надевам дека тие напори ќе вродат со плод“, истакна Артан Груби.
„Брзам, благодарам, ќе видиме“, кусо одговори Ферид Мухиќ на прашањето дали ќе ги гласа уставните измени. Без одговор на новинарските прашања беше и Мендух Тачи.
„Денеска единствено што треба да констатираме е да ја испочитуваме одлуката на граѓаните. Во вакви ситуации ниту Собранието, ниту Владата се носители на одлуките“ изјави Илија Димовски.
Биљана Јордановска
Обработка на текст и фотографија: Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски