По состанокот со Советот за безбедност, свикан по предлог на Владата и Комисијата за заразни болести, во однос на продолжување на вонредната состојба, претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба низ целата земја за уште 14 дена.
На седницата присутни беа техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџоски.
„По широките консултации со експерти од повеќе области, а во основа пред сè на кажаното на седницата, одлучив да прогласам нова вонредна состојба во траење од само 14 дена, наместо бараните 30. Со оглед на позитивните трендови на смирување на состојбата со пандемијата сметам дека се доволни“, рече Пендаровски.
https://www.youtube.com/watch?v=wg3uDUeQulY&feature=emb_title
„Советот за безбедност заклучи дека институциите работат координирано со сите капацитети и ресурси за справување со епидемијата. Ситуацијата е подобрена, во споредба со изминатиот период. Евидентно е дека стратегијата за справување со коронавирусот дава резултати, што укажува дека како држава добро се справуваме со овој предизвик“, изјави Пендаровски.
Пендаровски ги отфрли шпекулациите дека новата одлука за вонредна состојба има каква било поврзаност со организирањето на предвремените избори. Тој ја повика Владата да размисли за постепено намалување на рестрикциите за движење на граѓаните и работата на стопанските субјекти.
Вонредната состојба ќе продолжи до 1 јуни.












