Во Државната изборна комисија денеска ќе бидат презентирани наоди од мониторингот на гласањето на лицата со попреченост на парламентарните избори 2020. Ќе биде даден и осврт на политиките посветени на лицата со попреченост и начините на кои може да се подобри информираноста и пристапноста на гласачкиот процес.
Мониторингот, како што информираат од ДИК, го спроведе Здружението „Инклузива“ во поглед на гласањето на лицата со попреченост на парламентарните избори 2020. Во мониторингот учествуваа 67 набљудувачи, кои се самите лица со попреченост, кои го следеа гласањето на 201 избирачко место.
На настанот ќе се обратат претседателот на ДИК Александар Даштевски, британската амбасадорка Рејчел Галовеј, министрите за правда и за труд и социјална политика Бојан Маричиќ и Јагода Шахпаска, како и претседателката на „Инклузива“ Благица Димитровска.
Мониторингот на изборите беше спроведен од страна на „Инклузива“, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.