Полицијата приведе две лица од раководството на „Комунална хигиена“, откако минатата недела Основното јавно обвинителство започна истрага поврзана со неработењето на јавното претпријатие што резултираше со натрупување на огромни количини ѓубре во главниот град. Еден од приведените е директорот Сабахудин Рустеми.
Аки Саити од Сарај, раководител во Комунална хигиена е името на вториот уапсен во полициската акција попладнево, објави Press24.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, дадена е наредба полициските службеници да преземаат дејствија за обезбедување докази.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, информираат од ОЈО.
Се работи за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпадни материи, кој ги санкционира делата поврзани со постапување со отпад со кои се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на луѓето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок.












