Нови апсења вчера во Кочани, поврзани со пожарот кој се случи во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, а близу 200 беа повредени.
Според неофицијални информации, приведени се 13 лица, а меѓу нив се најдоа и началници и полициски службеници кои вечерта кога се случи трагедијата биле на работа.
Меѓу приведените е и началник на крим полиција, сменоводител, началник на ОВР Кочани, началник на економски криминал при ПС Кочани и полицаец кој ноќта бил дежурен.
Повеќе информации се најавуваат во текот на денот.
Од СДСМ ја поздравија вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки. Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност“, велат од СДСМ.
Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани” како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс”.
„Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста“, велат од опозициската партија.