Здружението на Украинците во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ за утре, 6 март 2022 година (недела), организира протестен марш во знак на протест на Украинците против руската инвазија во Украина. Носечката порака од овој протест денеска е „Затворете го небото – Сопрете ја руската агресија“.
Здружението ги повикува сите слободољубиви граѓанки и граѓани да се приклучат на протестот i да го изразат својот револт против војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина. Собирот ќе биде кај споменикот „Воинот на коњ“ на Плоштадот Македонија во 14.00 часот.
Воедно, Здружението ја информира јавноста дека хуманитарната помош за Украина ќе се собира и на Плоштадот Македонија.
Ова е втор протестен марш во Скопје (првиот беше на 25 февруари), со кој македонските граѓанки и граѓани се придружуваат кон милионските поворки мирољубиви луѓе во светот и во Русија. Тие бараат сопирање на воената агресија на Русија врз Украина во која животот веќе го изгубија и голем број цивили, меѓу кои и деца.
ЦИВИЛ, прва македонска организација и меѓу првите во светот, ја осуди руската агресија. Организацијата целосно го поддржува протествниот марш и барањата на мировните активисти во целиот свет и во Русија.