Првиот лет со венецуелски мигранти депортирани од Соединетите држави слета во Венецуела рано во понеделникот, откако двете влади постигнаа договор за обновување на летовите за репатријација, објави Си-ен-ен, пренесува Цивил Медиа.
Речиси 200 венецуелски мигранти се наоѓале во авионот, кој слетал на аеродром северно од главниот град Каракас.
На видеото од пристигнувањето се гледаат некои депортирани како слават со рацете во воздух додека се симнувале по скалите кон асфалтот, каде што било стационирано големо присуство на безбедносниот персонал. Други го направија знакот на крстот додека се симнуваа.
Американското биро за прашања на западната хемисфера соопшти дека летот тргнал од САД и застанал во Хондурас, каде што се смениле авиони.
„Денес, летовите за депортација на венецуелски илегални мигранти во нивната татковина продолжија преку Хондурас“, напиша одделот на X. „Овие лица немаа правна основа да останат во Соединетите држави. Очекуваме да видиме постојан проток на летови за депортација во Венецуела понатаму. Благодарам на претседателот на Хондурас Кастро и нејзината влада за партнерството во борбата против илегалната имиграција“.
Секретарот за надворешни работи на Хондурас рече дека во летот биле 199 граѓани со венецуелско потекло.
Трансферот траеше три и пол часа и се случи „на уреден и безбеден начин“, рече Енрике Реина во објавата на X.
Д. Мишев