Повеќе од 1.000 украински маринци, вклучувајќи 162 офицери, се предале денеска во опколениот град Мариупол, соопшти руското министерство за одбрана.
Руската телевизија прикажа слики од, како што наведе, маринци кои вчера се предаваа во фабриката за железо и челик „Илич“ во Мариупол, од кои многумина се повредени, додаваат британските медиуми.
„Како резултат на успешните офанзиви на руските вооружени сили и на милицијата на Народната Република Доњецк, 1.026 украински војници од 36. поморска бригада доброволно го положија оружјето и се предадоа кај челичарницата ‘Илич‘“, стои во соопштението.
Официјален Киев нема информации за предавањето на украински маринци во Маирупол.
Портпаролот на украинското Министерство за одбрана, Олександр Мотузјаник денеска изјави дека нема информации за предавање на украинската поморска бригада во Мариупол. За ова претходно информираше руското Министерство за одбрана.
– Немам информации, изјави Мотузјаник.
Тој беше прашан за коментар околу соопштението на руското Министерство за одбрана, во кое се тврдеше дека 1.026 војници од украинската 36. поморска бригада, се предале во опколениот јужен пристанишен град, пренесува МИА.