Првите руски војници на новата заедничка воена група на Москва и Минск пристигнаа во Белорусија, соопштија тамошните власти, по овонеделното соопштение за формирање на силите, кои треба да ги бранат границите на земјата од украинската закана.
Првите возови со руски војници кои ја сочинуваат регионалната воена група пристигнаа во Белорусија, се вели во соопштението на белоруското Министерство за одбрана, во кое не е прецизиран бројот на руски војници.
Министерството објави фотографии од воени возови и камиони, како и од руски војници кои ги пречекуваат жени во традиционални носии, нудејќи им леб и сол според традицијата. Белорускиот претседател Александар Лукашенко во понеделникот ги обвини Полска, Литванија и Украина дека подготвуваат „терористички“ напади и „бунт“ во Белорусија и најави распоредување на регионална воена група.
Минск тврди дека станува збор за чисто одбранбена формација чија цел е обезбедување на границата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека Москва сака да ја вовлече Белорусија во војна и повика на меѓународна набљудувачка мисија на границата меѓу Украина и Белорусија.
Лукашенко е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и дозволи белоруската територија да ја користат московските трупи за да започнат воена операција против Киев во февруари.
Но, белоруските вооружени сили досега не учествувале во офанзивата.
Белорусија финансиски и политички се потпира на својот клучен сојузник Русија.