Вашингтон во текот на вчерашниот ден соопшти оти е „загрижен“ откако израелските власти затворија неколку палестински невладини организации, што делуваат на окупираниот Западен Брег, пренесува МИА.
Претходно, израелската војска објави дека спроведе ноќни претреси во седум организации во градот Рамалах на Западен Брег, каде се наоѓа седиштето на палестинските власти.
Во октомври, Израел категоризираше шест палестински организации како терористички, поради нивните наводни врски со левичарската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина, иако јавно, израелски официјални лица не споделија никакви докази.
Сите невладини организации негираа какви било врски со Народен фронт за ослободување на Палестина, што многу западни земји ја прогласија за терористичка група.
– Загрижени сме поради денешното затворање на шест канцеларии на палестински невладини организации во и околу Рамалах од страна на израелските безбедносни сили, подвлече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс на брифинг за новинари.
Како што истакна Прајс, нема промена во „нашата позиција или пристап кон тие организации“. Тој додаде оти Вашингтон не финансира ниту една од нив.
– Изминатите месеци не видовме ништо со што би се променил нашиот став, појасни Прајс.
Според него, американски официјални лица стапија во контакт со израелски колеги „на високо ниво“ со цел да добијат дополнителни информации, што Израел вети дека ќе им даде.
На седмата организација каде Израел упадна вчера, Унија на синдикатот на здравствени работници, земјата и забрани да работи на Западниот Брег во 2020 година.
Европската унија оцени дека обвинувањата на Израел против низа палестински невладини организации не се издржани, и ќе продолжи да ги финансира, јави дописничката на МИА од Брисел.
Израел обвини повеќе палестинските невладини организации дека биле „терористички“ организации. Во некои од нив се извршени полициски упади од страна на израелските власти, а Тел Авив обвинува дека организациите ги злоупотребуваат ЕУ фондовите што ги добиваат и бараат од ЕУ да престане да ги финансира.
На денешниот редовен брифинг во Европската Комисија, портпаролката Набила Масрали изјави дека ЕУ не нашла докази за обвинувањата на израелската држава.
-Палестинските граѓански организации играат важна и суштинска улога, изјави Масрали, и додаде дека обвинувањата на израелските власти дека палестинските организации злоупотребувале ЕУ фондови не се издржани.
ЕУ ќе продолжи да ги поддржува граѓанските организации.
-Тие играат улога во промоцијата на меѓународното права, човековите права и вредности, рече Масрали, додавајќи дека поддршката на ЕУ за овие организации е во согласност со меѓународното право како и клучен елемент во делот на поддршката на ЕУ за решението со две држави помеѓу Израел и Палестина.