Не престануваат лажните вести и лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ. Истата таа партија која безмилосно ги трошеше парите на граѓаните на евтини проекти од стиропор, жални врби, палми, градски плажи, галии, споменици од проектот Скопје 2014 и што уште не, денеска зборува за расфрлање на пари од страна на градската власт, велат од СДСМ откако претходно од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека тревникот на плоштрад заедно со содржините на него скопјани ги чини неверојатни 33 милиони денари, односно над 530 илјади евра.
„Оваа трева не е златна, ниту се златни содржините на него, а истите скопјани ги чини цели 530 илјади евра. Што значи дека еден метар квадратен трева чини 6.600 денари односно 110 евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ потенцираат дека неспоредливо и немерливо е што направи ВМРО-ДПМНЕ за своите 11 години владеење и СДСМ за досегашните 3 години.
„Матни зделки и тендери и нереални милионски суми е она што го одбележува времето на ВМРО-ДПМНЕ како власт, а лажните вести се нивно обележје кога се опозиција.
Заради таквото криминално расипништво на ВМРО-ДПМНЕ, денес се водат и бројни судски случаи и се бара одговорност.
Токму тревникот на плоштадот е местото кое во време на ВМРО-ДПМНЕ беше продадено и на него беше стекната приватна сопственост. Нечуено и невидено е на сам плоштад на главен град да се отуѓи државен имот и да продаде на приватно лице.
И зад таа продажба стои уште едно расипништво на ВМРО-ДПМНЕ, проектот „Шпански скали“ која вклучува 20 метарска зграда, проект кој беше еднострно раскинат од Владата предводена од СДСМ.
Уште една лага во низата на ВМРО-ДПМНЕ е и вредноста на тревникот од милионски суми на парцелата која поради тоа што е приватна сопственост Градот не може да ја урбанизира.
Вистината е дека Градот Скопје инвестираше 33 милиони денари за целосно уредување на плоштадот и кровот на ГТЦ. При тоа, направен е плочник со површина од речиси 5.000 квадратни метри, изведена е патека за лицата со инвалидитет, поставена е и соодветна урбана опрема која подразбира оптимален број на клупи, канти за отпадоци, осветлување, атмосферска канализација и заштитни столпчиња што ќе го спречат непрописното паркирање и движењето на возилата. Исто така, се формирани и дрвореди од 22 повеќегодишни дрвја. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат всушност новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град. За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет потрошени се околу 33 милиони денари со вклучен ДДВ.
Ниту една нова лага на ВМРО-ДПМНЕ не може да го избриши нивното криминално и расипничко однесување додека беа на власт.
Денешните градски власти со домаќинско и одговорно однесување вистински се грижат за јавниот простор, со цел поубав и пофункционален живот за сите граѓани“, соопштуваат од СДСМ.
Д.М.