Правничката Сенада Сали, од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕРРЦ), за ЦИВИЛ Медиа вели дека има добиено неколку случаи за дискриминација врз Ромите, но тие примери за жал ја немаат сменето колективната состојба.
„Меѓународен ден на Ромите – 8 април, е денот кога навидум сите ги сакаат Ромите. Пораки за соживот и милозвучни честитки упатени од политички лидери, меѓународни организации и индивидуи. Сакам да верувам дека ваквите честитки се искрени, но се навраќам на состојбата на нашата заедница во останатите 364 дена во годината. Состојба во која бројот на сојузници едвај се бројат на една рака. Состојба во која уставниот термин – Роми, е заменет со уличниот – цигани, ѓупци, чергари… и во која честитката станува сè по ирелевантна, бидејќи сфаќаш дека колективната свест не е на ниво доволно за да славиш.
Токму затоа и овој ден го користиш за да говориш за отпор, протест, колективна борба за еднаквост и човекови права. За многумина, фрустрирачки е што и на овој ден говорам за расизам и дискриминација. Но, уште пофрустрирачки се чувствуваат Ромите кои секојдневно поминуваат низ таков третман. Оваа година со еден дополнителен предизвик- COVID-19. Небаре без него лесно беше. Поради тоа избирам честитка со зборот среќен да ја заменам со порака за уште поголем отпор и гласност“, вели Сенада Сали.
Д.М.












