Во Собранието по дводневна расправа со 77 гласа „за“ и 22 „против“ беше изгласан новиот владин состав предводен од премиерот Христијан Мицкоски.
По вечерашното гласање, тој е нов премиер на земјата, а за време на свечената заклетва во законодавниот дом, тој го изговори уставното име на државата Северна Македонија.
Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски во својот говор пред гласањето за Владата рече дека нападите што ги слуша овие два дена се сведуваат на две тези – Преспанскиот договор и Францускиот предлог.
„СДСМ, не ја научивте лекцијата. Со овие лаги и конструкции нема да ја повратите довербата, ќе треба време да ја вратите. Изборите ги изгубивте бидејќи играа фудбалчиња вашите коалициони партнери, понижувајќи ве вас, ви се случи Ласкарци, Беса Транс“, рече Мицкоски.
Тој повтори дека бугарски диктат додека тој е премиер нема да помине и уставни измени нема да има.
Во новата влада ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и партијата ЗНАМ.
По гласањето за реорганизација на министрите ова влада ќе има 24 министри.
Во моментот на гласање на новата Влада пратениците на Европскиот фронт ја напуштија салата и не учествуваа во гласањето.
Назми Абдурахмани