Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава Дејвид Гир на средба разговараа за јакнење на соработката и операционализација на проектите за унапредување на образовниот систем, пренесува МИА.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, Шаќири нагласи дека поддршката што ЕУ и ја дава на нашата држава е многу значајна за реализација на реформските процеси во сите сфери, вклучително и во образованието, посочувајќи на реформите во основното образование кои почнаа од оваа учебна година и на доближувањето на средното стручно образование до потребите на пазрот на труд.
– Почнавме со настава во прво и во четврто одделение според нови програми, кои имаат цел да го доближат нашето школство до најдобрите европски образовни системи и да градат генерации со европски вредности, како што се почитување на различностите, толеранција, мултикултурализам. Конструктивната поддршка што ја добиваме од нашите партнери од Европската Унија, преку ИПА-програмите, придонесуваат за побрза реорганизација на средното стручно образование и на јакнење на Националната рамка на квалификации, како придонес кон поголема вработливост, мобилност и социјална интеграција на граѓаните, рече министерот Шаќири.
Додаде дека Европската Унија е наш голем поддржувач за обезбедување модерна образовна инфраструктура, како услов за квалитетно образование.
– Евроамбасадорот Гир уште еднаш укажа на подготвеноста на Делегацијата на ЕУ да биде посветен партнер на Република Северна Македонија во градењето силен демократски образовен систем, кој ќе образува европски граѓани, информира МОН за денешната средба на министерот Шаќири со евроамбасадорот Гир.