Министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија денеска ја поздравија изјавата на идниот германски канцелар Фридрих Мерц дека има намера да и обезбеди на Украина крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“, јави ДПА.
„Ние нема да интервенираме во оваа војна, туку ќе ја снабдиме украинската армија со такво оружје“, изјави Мерц за германската телевизија АРД. Тој додаде дека на Киев ќе му обезбеди ракети „Таурус“ само во соработка со европските партнери.
Мерц ја даде својата изјава по рускиот воздушен напад вчера врз североисточниот украински град Суми, во кој загинаа повеќе од 30 луѓе, а над 100 беа повредени.
„Мислам дека пораката е многу јасна. Треба да направиме повеќе за Украина да може да се одбрани и цивилите да не гинат“, рече шефицата на европската дипломатија Каја Калас, поддржувајќи ја испораката на ракетите „Таурус“ за Украина.
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп изјави дека е многу важно Германија да испорачува такви ракети. „Мислам дека ова ќе биде многу важен сигнал за позицијата на Европа во оваа ситуација“, рече тој.
Неговиот полски колега Радослав Сикорски го окарактеризира предлогот на Мерц како многу добар.
Меѓу другите теми, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараат за иницијативата за обезбедување на Киев со повеќе артилериска муниција.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека два милиона гранати со голем калибар треба да и бидат испорачани на Украина, а Германија да обезбеди четвртина од нив, пренесе МИА.