Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Преспа ги посети припадниците на Армијата кои со две теренски активности ја потврдија својата важна улога – во секое време да бидат подготвени да им помогнат на граѓаните, соопштија од Министерството за одбрана.
Во преспанскиот регион, припадниците на воздухопловниот ВИНГ, заедно со Планинската спасувачка служба на Црвениот крст реализираат вежба за изведување на планински спасувачки операции во случај на планински несреќи. Вежбата опфаќа извежбувањето на спасувачки операции со хеликоптер, со цел зголемување на ефикасноста за координирано делување во случај на комплексни несреќи на планина. Денеска беше изведена спасувачка операција на симулирана несреќна на параглајдеристи на непристапен терен на карпа и во езерото.
– Како со неодамнешната вежба во Охрид, така и со денешната вежба во Преспа ги развиваме заедничките капацитети и координацијата со Црвениот крст зашто само на тој начин можеме да бидеме ефикасни кога ќе се појави потреба од итна спасувачка операција, порачала Шекеринска и додала дека вежбите како денешната го усовршуваат системот за реакција при несреќи.
Истовремено, на барање на локалната самоуправа, се наведува во соопштението од МО, инженерската единица на Армијата со своја механизација се вклучи во кампањата на општина Ресен „Моја Преспа, чиста Преспа“ за уредување на крајбрежјето на Преспанското Езеро.
Министерката Шекеринска при посетата на инженерската единица која е ангажирана на крајбрежјето потенцира дека оваа активност претставува вистински пример дека Армијата продолжува да биде силна поддршка за граѓаните и локалните самоуправи.
– Армијата и во екот на пандемијата, но и денеска продолжува сите свои капацитети да ги става во служба на граѓаните. Граѓаните тоа го гледаат и затоа во армиските припадници имаат најголема доверба, рекла министерката Шекеринска во Преспа.












