Претстојниот Европски совет се смета за клучен, се очекува конечен пресврт во евроинтеграциските процеси на земјата и зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија. Датумот е само првичната точка од патот за целосно интегрирање, на кој земјава ќе отвора поглавје по поглавје од вкупно 35, почнувајќи со најтешките – 23 што се однесува на правосудството и на фундаменталните права и 24 што се однесува на правда, слобода и на безбедност, пишува МИА.
На 15 октомври најпрво заседава Советот за општи работи, а потоа на 17 и 18 октомври заседава Европскиот совет. Одлуките се донесуваат со консензус, а засега огромно мнозинство од земјите членки се за почеток на преговорите и тие лобираат кај оние што сè уште имаат некакви резерви, како Франција, чиј став е познат – прво реформи во Унијата, па проширување.
Високите европски функционери со став дека Северна Македонија испорачала и сега на потег е ЕУ. -Северна Македонија и Албанија испорачаа, сега е крајно време земјите-членки да го испорачаат своето, објави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на неговиот налог на Твитер откако претходно во писмо испратено на 3 октомври до земјите членки на ЕУ, сегашниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск, на Европската комисија Жан-Клод Јункер, новоименуваната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн и претседателот на Европскиот парламент Давид Сасол, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со двете земји.
Во посета на земјава вчера беше австрискиот сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи Александер Шаленбер, кој упати јасна порака дека Австрија целосно стои зад ставот дека Северна Македонија и Албанија треба да почнат преговори. Преговорите со ЕУ тој ги спореди со Тур де Франс – патот е долг, со многу патеки и тешкотии.
Денови пред Европскиот совет вчера се произнесе и бугарскиот премиер Бојко Борисов. Порача дека тој и неговиот заменик и министер за одбрана Красимир Каракачанов го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ и во НАТО.
Поддршката за Северна Македонија е огромна, но сепак се отвора прашањето дали земјата заедно со Албанија ќе ги стартува преговорите или евентуално постои можност за нивно одвојување.
Според информациите на Ројтерс, објавени минатиот викенд, Германија предлага одвојување на Северна Македонија и Албанија во обид да постигне компромис помеѓу сите земји членки на ЕУ на 15 октомври.
Неодамна, на конференцијата за изборни измени која ја организираше ЦИВИЛ, германскиот амбасадор во земјава изјави дека останува оптимист дека ќе има јасна одлука за започнување разговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
И покрај сите тешкотии и недостатоци што сé уште постојат, Северна Македонија создаде успешна приказна на Западен Балкан, особено во однос на зближување на регионот. Северна Македонија моментално нема проблеми со своите соседи. Северна Македонија направи голема разлика во историската димензија со Преспанскиот Договор. Тоа треба да претставува пример за целиот регион, изјави Герберих.
Иако е предвидено одлуката да се донесе на 15 октомври во Луксембург, не е исклучено досието да се префрли на самите шефови на држави и влади каде што Меркел и Макрон ќе се обидат да постигнат компромис. Според Ројтерс, две опции се можни, едната да се дадат дополнителни услови пред да започнат преговори, другата е да се одвојат Северна Македонија и Албанија.
М. И.