Словенија воведе ембарго за извоз, увоз и транзит на оружје во Израел, две недели откако прогласи двајца израелски министри за персона нон грата, објавија словенечките медиуми повикувајќи се на владино соопштение во Љубљана.
Мерката ја објави премиерот Роберт Голоб по состанокот на словенечката влада. Голоб рече дека Словенија е првата европска земја што презела таков чекор, пренесува МИА.
Словенија ја призна палестинската држава во јуни минатата година и оттогаш постојано повикува на прекин на огнот во Појасот Газа и зголемување на испораките на помош до енклавата.
Министерството за надворешни и европски работи ја повика израелската амбасадорка во Словенија, Рут Коен Дар, на сослушување во четврток и ѝ врачи протест „во врска со неподносливата хуманитарна катастрофа во Газа поради ограничувањето на пристапот до итна хуманитарна помош“.
„Словенија го повикува Израел веднаш да престане со убивањето и гладувањето на цивилите“, објави словенечкото МНР.
Словенија се залага за воведување санкции на ниво на Европската унија (ЕУ), но оваа недела стана јасно дека дури и симболичните санкции не ја уживаат поддршката на земјите-членки.
М. Д.