ОЛИВЕР АНДОНОВ
Оваа фраза во насловот на неделнава колумна која е соодветна за редовните војнички рапорти, се однесува на непроменетост на состојбата во однос на претходната состојба, односно дека се е според воспоставениот РЕД, НАВИКА и ВООБИЧАЕНА ПРАКСА. А тоа вообичаеноста на која сме навикнати е многу лоша работа и не претставува ред, поредок, владеење на правото и спроведување на законите. Тоа е однесување исто како кај пролите во делото на Орвел.
И така, кај нас во Македонија по несреќата-трагедијата во Кочани и по 40 дена сѐ се врати во „нормала“ (како да некогаш бевме нормална држава). Како и да не се случи нешто страшно, трагично и длабоко предупредувачко за целото општество. Како да се случи таму некаде далеку од нас, како Кочани да е на крајот на светот, а не дел од Македонија. Како во Кочани да живеат некои други луѓе – вонземјани, не наши сограѓани Македонци. Ете затоа ви ги споменав пролите на Орвел.
Семејствата на настраданите си останува да живеат во својата неизмерна тага и надеж дека ќе има правда, повредените ќе се сеќаваат на трагедијата, чувствувајќи ги сите последици физички и ментални за цел живот и благодарејќи му на Бога што преживеале. Последиците врз јавноста ќе бидат присутни како колективна траума, но според нашата вообичаена навика, само ќе си туфкаме, жалиме и велиме „судбина“.
Целата трагедија и децениската вмешаноста на високи државни и локални функционери во корупција која не доведе до трагедијата во Кочани ќе биде во континуитет покривана од страна на владата за да се спречат било какви обиди за барање на судска разрешница, целосна истрага, одговорност и правда. Впрочем, основната цел на Мицкоски и неговата пропагандна машинерија е состојбата да биде редовна барем во перцепцијата на граѓаните за да може да се истераат локалните избори (веројатно и предвремени собраниски) со нови ветувања за напатениот народ, но посебно за партиските послушници и клиентелисти.
Тоа оди до таму, што поедини родители кои ги загубиле своите деца во трагедијата во Кочани а од за мене непознати причини и пред се нејасна психолошка состојба, уште повеќе проблематичен ментален склоп и непостоење на самосвесност и духовна полнота, по наредба на локални партиски шефови доброволно прифаќаат да помогнат во монструозниот ПР на Мицкоски за заборавање на трагедијата. При тоа, тие уште пред и да се навршат 40 дена од упокојувањето на нивните деца, прифатија да ги заборават и да не бараат правда и одговорност и на овој и на оној свет. И сето тоа за не знам какви „бенефити“. На тој начин потполно свесно помагајќи пред целокупната македонска јавност да се претстави во државата редовна состојба, како ништо да не се случило.
Во каков ли духовен пад е мојот народ, па сопствените деца да си ги жртвуваат за нечии политички кариери, или за некакви сопствени „бенефити“? Еден народ ги жртвува своите деца, својата младост, свесно, исклучиво, и само доколку треба да се брани татковината од агресија и ропство. Тоа се прави единствено и само поради саможртва на сегашните генерации за идните генерации да живеат во слободна Македонија. Кај нас состојбата вообичаено е редовна, кога се прифаќа жртва на сопствените деца заради нечии политички кариери. И сѐ така до некоја нова несреќа која нема да нѐ одмине, бидејќи Бог испраќа предупредувања, а нам во последните години ни испрати безброј предупредувања на кои ние не се обѕираме.
Впрочем, погледнете го однесувањето на СДС пропаднато како божем опозиција. Тие активно придонесуваат кон тоа состојбата да биде редовна. Дури и на божем дебати на божем медиуми строго внимаваат како и колку дозирано да упатат по некоја критика кон Мицкоски и неговата влада (велам неговата, бидејќи оваа влада сѐ помалку е наша влада на ВМРО-ДПМНЕ, туку е приватен бизнис на Мицкоски) или што би рекол еден мој драг пријател, тоа не е влада, туку „фан клуб на Мицкоски“. Дали сега е појасно што всушност разговарале и договориле Вилипче (маската на лицето Заев) и Мицкоски? Па нормално, зборувале за тоа како да ја одржат состојбата редовна и непроменета. Додека „пролите“ да заборават дека треба да има одговорност, пред сѐ, на власта актуелна, започнувајќи од МВР и инспекциските служби. Во меѓувреме, Мицкоски ќе ни ги пушта Перо-Бунтурот и Стојанче-Керамида да нѐ забавуваат со нивните будалаштини, намерно поставувајќи ги на директорски места на институции преку кои ќе ни го одвлекуваат вниманието од епохалната НЕСПОСОБНОСТ на владата на Мицкоски.
Кога сме кај работата на владата на Мицкоски, и таму состојбата е редовна, мртво море и по десет месеци без ниту еден стратешки проект со долгорочно буџетско финансирање. И понатаму нема никакви суштински или, што би рекол Мицкоски, робусни активности. Оние отворања паркчиња и плоштадчиња, како и одбележување на годишнини од отворање на читални, не се активности за една влада, туку работа на месна заедница. Состојбата е редовна во секој поглед, како да остана СДС на власт, само што се сменија ликовите. Како на филм се менуваат лицата под 1000 маски, а никако да видиме некоја личност и сѐ со цел состојбата да биде редовна.
Сепак, состојбата нема уште долго да остане редовна доколку Мицкоски не успее да обезбеди пари во буџетот, бидејќи паркчињата и плоштадчињата не придонесуваат кон економијата на Македонија. Исто како што и изјавите заради провокација кон Грција и Бугарија дадени за внатрешна дневно-политичка потреба нема да придонесат кон нормални односи со двата наши соседи членки на ЕУ. Впрочем ова однесување кон Грција и посебно кон Бугарија е еклатантен пример на дневна доза омраза, само чекам кога ќе се организира и недела на омразата. Она пак што во партија кај нас го анализираат во однос на Албанија и нејзиното членство во ЕУ кое според мене и анализите на Внатрепартиската фракција во ВМРО-ДПМНЕ, ќе се случи за не повеќе од пет години (можеби дури и до 2027 година), се збир на глупости и самозалажување на една плиткоумност. Без способност да се антиципираат идните случувања, а кога ќе се случат, дури тогаш состојбата ќе биде далеку од редовна. Ама како што размислуваат нашите сопартијци задолжени за донесување одлуки и како што велат „тогаш ќе му ја мислат“. А тогаш… е тогаш…?
Но да се вратиме на „скриените“ маки на Мицкоски и неговата влада. Главниот проблем секако е прашањето како да се наполни буџетот? Од каде да се земат кредити или обезбедат свежи пари за да се покаже дека нешто се работи, а и за да се поделат плати и пензии? Уште од средината на деведесеттите од минатиот век, престана навиката плата во државната администрација да се зема на 20-ти за претходниот месец, односно платите да доцнат. Се воспостави ред и нормално финансирање, но сега одеднаш како да се враќаме во тој период. Тоа покажува дека буџетот е празен или дека се трошени средства без план што ќе ти дојде на исто.
Посетата на Дубаи заврши со неуспех. Единствено Николоски направи робусен успех со авио компаниите, жими мајка, верувајте. Не успеа Мицкоски да обезбеди саудиски пари по примерот на неговиот ментор Вучиќ, иако самиот Вучиќ му ја договори посетата. Но Вучиќ ја договори посетата на мали Вучиќ за да може самиот да профитира и да земе уште некоја пара од Шеиците за да го заврши ЕКСПО. А Мицкоски отиде во Дубаи без проекти и конкретна идеја, мислејќи дека е мали Вучиќ, се прошета и се врати бел во очите. Затоа финансиерката Горданчето сосе сопругот ѝ, отрча во САД на редовните пролетни состаноци во ММФ со кого немаме аранжман и Светска Банка со која имаме проекти.
Дали ќе донесе некоја пара за спас на владата на Мицкоски и колку и какви аранжмани тоа ќе нѐ чини, ќе видиме, лично не верувам во нешто добро. Тешко во оваа време некој дава пари, а и доколку даде, тоа ќе бидат исклучително скапи пари. Но што е тоа важно, ќе платат граѓаните на Македонија како волк со кожа, само состојбата да е редовна. Иако мислам дека владата на Мицкоски е под финансиско ембарго, засега само финансиско, и се надева на новите 500 милиони евра од Унгарија, пари со сомнително потекло за што повторно ќе платиме скапо.
На крајот, се сети Изногуд да тркне до Обединетото Кралство и да побара поддршка за изградба на железниците во Македонија. Ами од кога како Внатрепартиска фракција ѝ советувавме на владата на Мицкоски да започне директни преговори со Обединетото Кралство и со НАТО за поддршка во изградба на инфраструктура за потребите на НАТО во Македонија („Кон НАТО“, 24.11.2024, меѓу другото). Но еве сега се сетија. А подобро некогаш отколку никогаш. И ќе ги добиеме тие пари (се работи за големи пари, поголеми отколку оние за Бехтел и Енка), но со посебни клаузули во договорот за да не можат да ги крадат преку свои подизведувачи, надзорни или фирми за експропријација во Македонија, а не пак да ги преточат во буџетот за да покријат некоја дупка. А носители на изградбата ќе бидат британско-турски компании.
И сега што праиме? Кога можеше да се земат европски пари без да ги враќаме и тоа заедно со Бугарија и да ги вбризгаме во буџетот преку јавни работи и работење на наши фирми на железничката линија кон Бугарија (онаа што ја отворија до Бељаковце де), Изногуд глумеше лудило и квази патриотизам втемелен на лаги и дезинформации. Сега владата на Мицкоски удри в ѕид и тоа пред локални избори што го прави самиот Мицкоски многу нервозен. Затоа и мора да се прави силен ПР за да состојбата е редовна. Барем пред граѓаните, а патем на собраниска седница за пратенички прашања да се дефокусира јавноста со имотот на Левица. Впрочем, доколку Мицкоски има некој информации за криминални активности и купување на имот од страна на Левица, нека го пријави случајот во Јавно Обвинителство.
Уште подобро, доколку Јавното Обвинителство се сети, би требало да го повика Мицкоски да даде исказ во врска со неговите сознанија за криминалот на Левица, а патем да го прашаат и за тоа кој му нудеше мито пред едно девет месеци. Така обвинителството има шанса за две во едно.
Впрочем и самиот Мицкоски доколку пред три дена, исто така од собраниска говорница рече дека доколку Јавното Обвинителство издаде налог подготвен е да оди в затвор. Еве засега нема потреба од така драстични постапки, доволно е Обвинителот да го повика и да го праша за криминалот на Левица, за тоа кој му нудеше мито кога стана премиер и можеби уште неколку дребни прашања, околу сознанијата за фалсификат документот на Бојан Христовски и слични ситници. Тоа е во пракса промена на системот и прифаќање на лична одговорност, за почеток морална.
Но да се вратиме на немањето пари во буџет и последиците од тоа. Замислете пензионерите да не земат пензии пред 1-ви Мај, па тоа ќе биде интересно, директен автогол врз најверното и најлесно за манипулација гласачко тело во Македонија, чии 5.000 денари линеарно покачување веќе ги изеде инфлацијата и скапотијата дури и во рамките на редефинираната потрошувачка кошничка.
На маките на владата на Мицкоски им нема крај, па така веројатно од неформален разговор при размена на идеи во некои кругови, му се испушти на Љутков дека културното наследство на Македонија треба да се даде на приватен бизнис да го работи. Ова го нема ниту во Океанија на Џорџ Орвел, владата на Мицкоски е понапредна од Големиот Брат, а Мицкоски сигурно поубав од неговата робусна убавина. Која држава на светот си го дава културното наследство на приватни бизнисмени? Ова покажува во каква безидејност и очај е владата на Мицкоски и со колкав недостиг на средства – финансии се соочува.
Тоа е цената на незапочнувањето на преговорите за членство во ЕУ, поради што запирајќи ги процесите за евро интеграции (освен реторичкото папагалско повторување дека сме за ЕУ) останавме без помошта од ЕУ во стотици милиони евра. ЕУ кон Македонија во однос на финансирањето на фондовите премина кон директно аплицирање во Брисел на апликантите од Македонија поради што државата останува без средства со кои може да работи. Поради политиките на Трамп и УСАИД престана да финансира проекти во Македонија, а сето тоа се сериозни пари за Македонија наша. Така на владата и останува да моли (проси) по светот за пари, а никој денес не дава пари на црни очи, скапи се парите, а и кога ќе ти дадат или ќе ги трошиш под нивна контрола наменски по проекти, или ќе мораш да продадеш нешто од националното богатство. Нашиве се решија изгледа да почнат од културното наследство. Бравос бе генијалци.
И не е тука крајот на маките на Мицкоски и неговата влада. Сега по 1-ви Мај ќе ги видиме во полно светло во јавноста несогласувањата со Таравари како почеток на политичките судири во владата. Колку и да се обидуваа тоа да го сокријат повеќе од еден месец, па потоа започнаа оние од ВЛЕН срамежливо и тоа преку божем новинари од платени божем медиуми да пласираат „информации“ за Таравари и да го подготвуваат теренот и јавноста, тоа беше јасно уште по трагедијата во Кочани. Таравари на молба на Мицкоски останува формално во владата на Мицкоски до почетокот на Мај. И како што кажавме веќе, ништо од робусните инвестиции во здравството.
Заминувањето на Таравари значи проблем не само за ВЛЕН, туку и за владата во целина. Што се ќе изнесе во јавноста и кога тоа ќе го направи Таравари за причините за напуштање на владата, како и за тоа што сѐ се случувало во оваа година е прашање на време и политички момент. На тие пикантерии ќе почекаме, нема потреба ние како Внатрепартиска фракција да ги објавуваме пикантериите кои на прво место ќе наштетат на угледот на нашата партија, тука Мицкоски и неговите клиентелисти не се важни. А кога сме кај пикантерии, допрва ќе излегуваат на виделина разни семејни, непотистички, клиентелистички, бизнис и други коруптивно арамиски афери од шинелот на владата на Мицкоски.
Кога Мицкоски дојде на Илинденска бр.2, во интервју за еден наш познат новинар (навистина новинар со стаж и знаење, не божем новинар), јасно констатиравме дека го имаме „мали Вучиќ на Илинденска бр.2“. И така мали Вучиќ, десет месеци веќе не може да се снајде ни како мали Вучиќ. Веројатно погрешивме во интервјуто. Не се работи за мали Вучиќ туку за бледа копија во обид и на мали Вучиќ. И тоа ќе го видиме во полна светлина и многу брзо, колку и да се труди состојбата да ја одржува со привид редовна, како и менторот во Белград.
И додека состојбата е редовна, до некоја нова национална трагедија, ви препорачувам, особено вам драги мои сопартијци, да го прочитате романот на Џорџ Орвел, 1984. Секоја сличност со денешното живеење во Македонија не е случајно.
Христос Воскресна!
П.С. Иако знам дека Мицкоски ништо не чита (нема време од многу државнички патувања), мислам дека некој во негова близина кои му ги креира политиките го има прочитано Орвел и неговата 1984, бидејќи употребата на терминологијата од страна на Мицкоски како и спроведувањето на политиките е истата онаа која Орвел ја употребува и опишува во својата книга. Отпрвин мислев дека е случајност, но мислам дека не е. Некој сериозно се обидува да не …. во мозок. Или можеби успева во тоа? Одговорот е кај вас драги мои читатели, сопартијци и сограѓани.