Денот на Републиката помина во духот на соживотот, помирувањето, сакањето, сплотувањето, еднаквоста… Иако имаше мала група граѓан(к)и кои за жал беа изманипулирани токму од тие што повикуваа на „покажување среден прст, и викање Уаа на северџанската стока“, и додека тие неколкумина се бламираа со урлање „Никогаш Северна“, тие што ги потикнаа да дојдат на Мечкин Камен, им даваа целосна подршка – од плажа, на купаќи. Баш патриотски! Но, памет за друг пат дали ќе дозволат повторно да бидат изманипулирани и да „гинат“ за Македонија, додека „патриотите“ тие што повикуваат на непокор и непослушност, уживаат некаде на плажа и пијат освежителни пијалоци.
Но, говорот на омраза, особено оние коментари на социјалните мрежи си доби лекција. За прв пат, државата и нејзините граѓанки и граѓани одбележуваат еден историски датум заедно. Денот на Републиката не е партиски, ниту етнички ден, не е ден да се мрази и дели, туку ден луѓето да се почитуваат меѓусебно и ден да се сака заедничката држава.
Малата група граѓани кои довикуваа „Уаа“, „предавници“, „никогаш Северна“, беше надгласана од граѓан(к)ите пеејќи ја македонската химна, како и „Шутка не ти бега Никола“, и „затвор за криминалците“…
„Сите сме деца на Илинден“ беше слоганот кој повика на заедништво и еднаквост и ја прослави слободата, како што тоа го направи и Крушевскиот манифест пред 116 години.
Државниот врв повика на сплотување и помирување. За разлика од опозицијата која побара предвремени избори.
ЦИВИЛ повикува сите државни празници во иднина, да се организираат и да се одбележуваат на овој начин, достоинствено и во духот на заедништвото. За тоа, конечно, се создадоа услови, по долги години поделби и насилство под режим што се хранеше од стравот и омразата.
ЦИВИЛ очекува од институциите на државата и од одговорните политички структури и лидери, да го развиваат и јакнат концептот „Едно општество за сите“ и да го вградат во сите аспекти на политичкото и општественото дејствување.
Институциите се должни, секогаш навремено и бескомпромисно, да ги заштитат вредностите на едно такво, прогресивно, граѓанско и мултикултурно општество.












