пишува: ГОРДАН СТОШЕВИЌ
Не така дамнешната, 2016-та година, никој не ни можеше да претпостави дека единствената прогресивна идеја по осамостојувањето на Македонија ќе биде убиена во така краток рок. Тоа попладне на шести февруари се собравме околу стотина делегати на основачкото Собрание на партијата, на кое, на првиот Пленум на партијата, ќе поставиме темел и план за акција, како и програма на партијата за иднина.
Така, Левица го здогледа светлото на денот во плурална Македонија. Некако во очите на сите делегати можеа да се забележат решителност, самодоверба и задоволство од остварувањето на сонот и целта, конечно во земјата да се појави политички субјект заснован исклучиво на прогресивни леви идеи. Стануваше збор за групи инволвирани во самото основање на партијата, субјекти кои, пред сè, доаѓаа од граѓанскиот сектор, бројни активисти кои години наназад учествуваа во разни општествено-политички случувања во земјата. Тука, пред сè, морам да ги спомнам, левите работнички движења „Ленка“ и „Солидарност“ како едни од факторите при основањето, движења кои веќе беа етаблирани на полето на општествената акција низ борбата за работнички права.
Тука, секако, имаше и неколку граѓански организации и здруженија како „Аман“, како и членови на некогашната Комунистичка партија на Македонија, кадри чие искуство беше од големо значење при формирањето на партијата. Значи, новата партија на левиот политички спектар на Македонија собра еден голем дел од општествениот активизам кој ја обележа историјата на граѓанските протести во пост-транзициска Македонија.
Меѓутоа, на самиот почеток, претставувањето на партијата беше игнорирано од страна на mainstream медиумите, со цел таа да се покаже како небитен политички фактор, како некој на кој не може сериозно да се смета во иднина. Тоа беше во време на турбулентни случувања во земјата, во екот на тн. „шарена револуција“, граѓански протести против авторитарниот режим на владејачката, крајно десничарска партија, ВМРО-ДПНМЕ.
Владеењето на премиерот Груевски кое во голем дел е заслужно за застранување од патот на европски интеграции и реформи. Политичко раздобје во кое новата партија Левица мораше цврсто да ги позиционира своите политички ставови, како и својата идеолошка матрица. Како што веќе реков на самиот почеток, mainstream медиумите, кои се во сопственост на крупниот капитал, во голем дел го игнорираа овој нов политички субјект, па дури и во текот на изборната кампања есента 2016 година.
Така беше и покрај тоа што многу членови на партијата беа ангажирани во „шарената револуција“, од кои некои, подоцна, ќе бидат судски процесирани поради своите активности против авторитарната власт на клеро-нацистичката партија ВМРО-ДПМНЕ на чело со нејзиниот претседател Груевски. Како одминуваше времето и како се приближуваше терминот за одржување на предвремените избори во Македонија, политичките пресметки сè повеќе се интензивираа на политичкиот спектар, каде јасно можеше да се детектира новото прегрупирање и покрај идеолошко-политичката матрица. Сите имаа една цел, симнување од власт на партијата која систематски, повеќе од една деценија, го пљачкосуваше и го уништуваше својот народ, систем во кој цветаа митото и корупцијата, криминалот, и неконтролираното трошење на народни пари.
Секако, на овие избори својата шанса ја гледаше и новоформираната партија Левица, која уште на почетокот покажа дека нема политичка зрелост да се идентификува како сериозен политички фактор на кој може да се смета во иднина. Се покажа дека сомнежите за тоа, на неколкумина од нас, беа оправдани.
Тоа се виде веќе при внатрепартиското одлучување за излегување на избори, нешто што доведе до непремостливи разлики помеѓу членовите од највисоките раководни органи на партијата, Централниот комитет и Президиумот. Не се чекаше многу сите недостатоци да излезат на површина и да ја добиеме вистинската слика на сè она за што не се боревме.
На два месеци пред одржување на изборите, 16 октомври 2016 година, на седницата на ЦК на партијата (на која бев присутен) требаше да се одлучува за евентуална коалиција со опозицискиот блок на цело со СДС. Седницата помина во многу жолчна и напната атмосфера, проследена со нарушени меѓучовечки односи. Во тој контекст, еден од поранешните најистакнати членови на партијата, кој подоцна ќе стане советник во владата на СДС, Бранимир Јовановиќ рече:
„Влошувањето на односите меѓу двете крила во партијата, ескалацијата на вербални судири и кавги, закани и физички напади, замрзнувањето на членство во партијата и исклучувањето од партијата, како и меѓусебните обвинувања и прес-конференции на завојуваните страни и сè она што не беше убаво, беше видливо насекаде. Сето тоа предизвика голема несогледливи штети, и покажа дека новата партија не само што не е подобра од останатите партии, туку е и полоша.“
Меѓутоа, и пред одржувањето на ЦК на 16 октомври 2016 година, можеше да се препознае одреден меѓусебно идеолошки антагонизам внатре во партијата, но како сите да чекаа погоден момент за сите разлики да избијат на површина. Се чини дека тоа беше вистинскиот момент и чкрапало партијата Левица да тргне во надолна линија. Така, онаа група која заговараше коалиција со опозицијата со цел симнување на режимот на Груевски, се најде на удар на повеќето членови на ЦК на партијата, кои инсистираа на самостоен настап на претстојните избори.
Оттаму еден помал дел од тоа мнозинство започна жестока кампања против оние кои ја застапуваа идејата за коалиција со опозицијата, и беа обвинети за фракционизам и предавство, иако по Статутот на Левица, во партијата беа дозволени фракции. Работите излегоа од контрола кога двете страни излегоа во медиумите со свои известувања за сето тоа. Од денешна перспектива, поранешна членка на ЦК на партијата, и граѓанска активистка, Жаклина Мијалковиќ, вели:
„Таа ноќ, пред седницата на ЦК бевме изложени на канонада од навреди и неверојатни вулгарности и гадости од страна на поедини другари кои беа собрани околу линијата која не дозволуваше никакви преговори и разговори за коалиција. На денот на седницата на ЦК доведоа маса луѓе кои ги видовме прв пат во животот, луѓе кои се претставија како „локални ќелии“. Тогаш се покажа дека Апасиев и неговите луѓе не се онакви какви што се претставуваа дотогаш, туку насилна и вулгарна групација која не прифаќа туѓо мислење.“
Со неа се согласуваат и нејзините другари и соборци од граѓанската организација „No pasaran!“, како и од „Движење за чист воздух“, Марјан Ненов и Владимир Куновски, кои исто така беа на удар од групата на Апасиев, но и мнозинската група од оние кои подоцна се судрија со Апасиев во борбата за превласт во партијата. За тоа Ненов ќе рече:
„По 11 години живот во режимот на Груевски беше неопходно да се создаде опозициски фронт кој заедно ќе му се спротивстави на режимот, раководен од моќ и пари. Меѓутоа, во партијата Левица не мислеа сите така. Еден помал дел, кој подоцна ќе дојде од „нигде никаде“ засекогаш ќе ја смени структурата на партијата, нешто што ќе создаде пат за непречено разбивање на партијата, зад чиј распад покрај моќните политички и разузнавачки структури, стоеше и корумпираната судска власт, која со своите одлуки во повеќе наврати докажа дека тој дел од власта, покрај извршната и законодавната, беше под контрола на партиските структури на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Се покажа како реално она за што се говореше во политичките кулоари, дека одредени структури се вплеткани во основањето на самата партија поради остварување на нечии виши интереси, над нашата заедничка идеја за создавање на прва партија која ќе биде на страната на угнетениот народ. Затоа, Левица подоцна ќе стане пропаднат проект, блед сон за остварување на работничките и граѓанските права, недемократска партија која не преставува ништо од оние цели поради кои и беше формирана. Наместо Левица да креира нови лидери, создаде диктатори.“
Неговото мислење го дели и бившиот член на ЦК на партијата, денес граѓански активист, Владимир Куновски, кој додава:
„Недостатокот на демократски капацитет на партијата, како и самоволието на поедини високи партиски функционери, пред сè членови на Президиумот, Димитар Апасиев и Здравко Савески, заедно со нарушената меѓучовечка комуникација, полна со навреди и лични дискредитации и дисквалификации, со безброј фалсификати на партиските документи и злоупотреба на партискиот печат и штембил, како и на партиската архива, со кои противстатутарно се разрешени, а подоцна и исклучени голем број членови на ЦК и Президиумот, се само некои од причините за застранување на самата партија, па и причинско-последичните реакции кои делуваа спротивно од Статутот на партијата.“
По спроведената изборна кампања и излегувањето на избори на 16 декември 2016 година, македонската јавност конечно дозна дека постои нов политички субјект на македонската политичка сцена. Така Левица за прв пат стана видлива за јавноста. Меѓутоа, она што нè загрижуваше нас, самите членови на партијата, беше поделеноста во нашите редови по исклучувањето на фракцијата која се залагаше за коалиција со опозицијата, фракција која воедно беше и Иницијативен одбор за свикување на Пленум на партијата.
Самите резултати, по самостојниот настап на парламентарните избори, не ни даваа премногу право да бидеме оптимисти, со оглед на тоа што освоивме скромни 1,03% од гласовите, што не ни овозможи да станеме парламентарна партија. Единствена сатисфакција, ако може така да се рече, во тие турбулентни времиња, беа парите кои требаше да ги добиеме од страна на државата, за финансирање на политичките партии кои го поминаа изборниот цензус од 1%.
Меѓутоа, токму тие пари, во износ од 17,5 милиони денари или скоро 300.000 €, станаа камен на сопнување и уште поголеми поделби во партијата. Тоа беа големи пари, со оглед на тоа дека партијата ја помина целата кампања со само неколку илјади евра, имајќи предвид дека тоа беше новоформирана партија која на почетокот не зависеше од крупен капитал, со многу лимитирани ресурси.
Меѓутоа, по одржувањето на изборите во партиската каса, на неколку пати, во период од 6 јули до 13 јули 2017 година, легнаа скоро 1,6 милиони денари или околу 26.000 €. Парите беа уплатени од Државната изборна комисија и Министерството за правда. Дури кога легна првата рата на сметката од 5,4 милиони денари или 90.000 € на крајот на следната година, или поточно на 5 декември 2018 година, веќе се знаеше дека најмоќната фракција во партијата, онаа на Апасиев, ќе изведе преврат и ќе ја преземе партијата. Нешто на што предупредував со месеци наназад во партијата, имајќи во обѕир дека добивав сигурни информации однадвор, меѓутоа, без никаков успех, бидејќи повеќето упорно ги игнорираа моите предупредувања, тврдејќи дека не ги интересираат теории на завера.
Меѓутоа, се чини дека парите не им беа единствениот мотив на пучистите, туку тука има и уште нешто, многу подлабоко. Секако, во прв ред доаѓа предвид свртувањето на партијата на десно по 16 декември 2016 година, особено кога опозициската СДС дојде на власт, по сите оние случувања во македонското Собрание на 27 април 2017 година, заменувајќи ја дотогаш владејачката десничарска ВМРО-ДПМНЕ, после полни 11 години непрекинато репресивно владеење. Таа пролет, 2017 година, е навистина турбулентно раздобје за земјата која со месеци беше во политичко-безбедносна криза без нова влада.
Во тоа време поголемиот дел од партијата презеде низа активности со помош на највисоките партиски органи, ЦК и Президиумот против Иницијативниот одбор за одржување на вонреден Пленум на партијата. Опасен маневар кој повеќето од членовите го поддржуваа, додека водечкиот пар, Апасиев-Савески, по пат на дисциплинирање на членови на Иницијативниот одбор покажуваше моќ во партијата, а во исто време манипулативно ги криеше од јавноста сите случувања во самата партија. Тие двајца ги влечеа сите конци во раководството на Левица која наврапито целеше во пропаст.
Овој судир дури заврши во Основното Јавно обвинителство, кое ги отфрли сите жалби на членовите на Иницијативниот одбор, па таквите судски одлуки го трасираа отворениот пат за борба на двајцата најистакнати членови на партијата, Димитар Апасиев и Здравко Савески. Нешто што подоцна ќе се претвори во личен судир меѓу нив двајца, во борбата за превласт во самата партија. Првиот, изразит национал-социјалист и шовинист, а другиот, либерален демократ и опортунист, луѓе кои цело време се претставуваа за револуционерни левичари.
Познатата граѓанска активистка и борец за човекови права, еден од најистакнатите членови на граѓанското движење “Стоп за извршителите“ и „Човекот над профитот“, како и филмска режисерка и културолог, Ана Глигорова, за ова вели:
„Комуникацијата со останатите членови на партијата не беше можна поради затегнатите меѓучовечки односи, но и поради обвинувањата дека сме пучисти и дека работиме за опозицијата, но во прашање беше нешто сосема друго. На крајот на краиштата, подоцна останатите членови ќе го видат насилното присвојување на партијата од страна на „Робеспјер непоткупливиот“ (Димитар Апасиев) кој не беше сам во сето тоа, а историјата во иднина ќе покаже поради што единствената левичарска партија во најава се распадна“.
Ако во текот на цела 2016 година се боревме за позиционирање на македонската политичка сцена, и правевме подготовка за изборите на крајот на годината, а цела 2017 година ја поминавме во разноразни меѓусебни обвинувања околу тоа кој сè работи на разбивање на партијата, 2018 година се покажа како најтешка во краткиот период на постоење на нашата партија. Внатрепартискиот судир сè повеќе добиваше на интензитет, а завојуваните страни беа сè побројни. Од една страна беше официјално формираната фракција според Статутот на партијата, „Марксистичка организација – Црвени“, мала група луѓе од шест членови на ЦК, меѓутоа, мошне реакционерна и субверзивна во своите идеи и активности.
Потоа, тука е најголемата групација, составена од членови на ЦК кои го поддржуваа главниот опонент на Апасиев во борбата за превласт во партијата (што подоцна ќе се покаже за точно), Здравко Савески. Идеолошки позиционираните луѓе околу центарот, кои по малку лутаа на либерално-демократскиот политички спектар, склони кон секакви авторитети и предрасуди.
И сосема на крајот, третата страна, позиционирана десно во партијата, исто така мала група, околу десетина луѓе собрани околу Димитар Апасиев. Луѓе на кои пред сè им недостасува идеолошко-политичко образование, но и искуство во теорија и пракса, класични партиски апаратчиња склони кон култ на личност. Меѓутоа, таа група подоцна ќе се препознае како најоперативна на терен, и во молскавичен и спектакуларен пуч ќе ја преземе партијата. Тој идеолошки судир на „левицата“ ќе стане вистинска престрелка помеѓу либералите и десничарите, нешто што ќе се препознае за вистински момент за буржоазијата во самиот старт да ја уништи единствената идеја која дотогаш се појавила на левиот спектар на општествената акција и политичката одговорност.
Се покажа дека во таа борба на буржоазијата победата ја однесе десницата, со оглед на историските околности во кои се наоѓа Македонија. Земја под силно влијание на империјализмот, како од западот така и од истокот. Земја која беше на работ на граѓанска војна по сите случувања во македонското Собрание на 27 април 2017 година, но и земја чиј народ живее во перманентен страв од меѓуетнички судири, надевајќи се на влез во евро-атлантските организации, во кои гледа некаква сигурност.
За таа цел новата власт го распиша контроверзниот референдум на 30 септември 2018 година, за промена на името на земјата како услов за влез во НАТО по потпишувањето на Спогодбата со Грција неколку месеци порано. Тоа, секако, беше иницијална каписла за активирање на екстремната десница во земјата, која препозна загрозување на македонскиот национален идентитет, причина повеќе да се повика народот на улица низ целата земја. На вака напнатата состојба во голем дел кумуваше и рекордно малата излезност на Референдумот (околу 38%) на кој 90% од излезените гласови беа за промена на името и ново име на државата. Меѓутоа, и покрај тоа што референдумот пропадна (помалку од 50% излезност) тогашната власт ги уважи резултатите, и започна процедура околу промена на името со ново согласно спогодбата со Грција.
Паралелно со сите овие случувања, низ целата земја се одвиваа граѓански протести под покровителство на движењето „Бојкотирам“, околу кое беа собрани исклучително екстремни, крајно десничарски, елементи на политичката сцена, но и субјекти кои не му припаѓаа на политичко милје, чиј сентимент е пред сè длабоко клерикален, како разноразни црковни организации од земјата и дијаспората. Исто така, во редовите на движењето “Бојкотирам“ имаше и приличен број на „непрофитни“ организации како „Христијанско братство“, но и навивачки групи, како хулиганите на фудбалскиот клуб Вардар „Комити“.
Тоа беше време на засилен национален набој на македонскиот народ во одбрана на својот идентитет, кој во исто време јаваше на брановите на национализмот, не грижејќи се за тоа во каква состојба е македонската работничка класа, со децении угнетувана од страна на крупниот капитал на домашната и странската буржоазија. Буржоазија чиј главен експонент, НАТО пактот, недвосмислено го поддржуваат сите политички субјекти, па дури и самонаречените антиглобалисти и анти-империјалисти, симпатизерите на десницата (ВМРО-ДПМНЕ), која, пазете, никогаш декларативно не била против влез во тој империјалистички воен пакт. Каков ли дијалектички оксиморон!
Факт е дека партијата Левица многу лесно се претопи во тој политички дискурс за „зачувување“ на државните и националните интереси, во кој се повикуваше на физичка елиминација на петта колона, односно, сите реакционерни елементи кои им се закануваат на Македонците во обидот за разбивање на унитарниот карактер на земјата и државниот поредок. Сè укажуваше на тоа дека бродот Левица полека, но сигурно плови по матни води, без дефиниран идеолошко-политички карактер.
Годината 2018 само се надоврза на тој мошне турбулентен период од порано, кога на 11 јануари во Собранието, со 69 гласови „за“ е изгласан Законот за употреба на јазикот, со што е проширена службената употреба на албанскиот јазик на територијата на цела држава. Со ова Македонија официјално стана двојазична држава, и законот мораше јавно да се огласи во Службен гласник, на што претседателот на државата, Ѓорге Иванов, јавно се спротивстави, и одби да го потпише. Така Законот за јазиците стана уште еден камен за сопнување во и онака тешкиот период за земјата. Националистичката реторика беше присутна насекаде, а на тоа имуна не остана ни партијата од која се очекуваше да ги прележи сите детски болести на национализмот и да трасира нов пат на политичко делување, меѓутоа, не беше така.
Еден помал дел собран околу медиумски најекспонираниот лик, Димитар Апасиев, јасно и недвосмислено ја поддржа национал-шовинистичката реторика и патриотскиот национал-романтизам во земјата. Апасиев како најистурен член на партијата во јавниот простор ја користеше секоја прилика да ги нападне и оспори штетните чекори кои го презема тогашната власт на премиерот Заев, можеби со право, бранејќи го на тој начин Уставот и неговата Преамбула, како и законите кои го штитат унитарниот карактер на државата.
Меѓутоа, од друга страна тоа беше чист популизам кое мнозинството луѓе сакаа да го слушнат. Неговите говори со време станаа крајно ксенофобни и шовинистички, а за тоа сведочи и еден од најистакнатите членови на ЦК, граѓанскиот активист Мариглен Демири:
„Генерално, етничките прашања во Македонија никогаш до крај не биле решени, но тоа беше тренд и во партијата, барем на индивидуално ниво. Особено индикативен беше Законот за јазиците, на кој Апасиев фрлаше дрва и камења, во латентниот националистички наратив. Моите пријатели Албанци, уште во 2016 година, предупредуваа дека во гостувањата на Димитар Апасиев има премногу наци елементи, кои лесно ги голташе десницата, гледајќи во него експонент на нивните ставови. Ваквите опасни тези се продолжија со истата динамика и во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија. Левица во суштина не успеа во своето јадро да внесе припадници на останатите малцинства, уште повеќе да им се приближи на Албанците, особено на оние со лева провиниенција, кои секако постоеја. Сè до ноември 2018 година, никој во партијата не му се спротивстави на лидерот во подем, кој на сите јавни дебати го потенцираше етноцентризмот и поделбата на „ние – вие“, антагонизирајќи ги на тој начин Македонците и Албанците. Дури при гостување на една дебата, во текот на март 2018 година, на една национална телевизија, на својот соговорник во дебатата, етнички Албанец, му се обрати со зборовите: „Па што сакате бе?!“ – алудирајќи на она „Што барате више, бе, вие Шиптари?“
Така повеќе немаше сомнеж дека партијата Левица е на крив пат. Национализмот во нејзините редови само се продлабочуваше, како и врските со политиката на националистичката ВМРО-ДПМНЕ. Особено кога, подоцна, Апасиев јавно ќе ја поддржи кандидатурата за претседател на професорката Гордана Силјановска, како кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во контекст на тоа, еден од поранешните истакнати членови па партијата, Гоце Маркоски, вели:
„Беше жално да се гледа партијата која требаше да биде изразено анти-националистичка, а која под влијание на Апасиев леташе на крилјата на национализмот во време на потпишувањето на Спогодбата во Преспа. Конечното самоубиство на Левица се случи на претседателските избори кога јавно поддржа кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.
Со ова целта на одредени центри на моќ беше остварена, и со тоа левите прогресивни сили беа фрлени на колена. Денес во Македонија никој повеќе не верува во левата идеја, политичката борба и натаму се сведува на НВО секторот и граѓанската иницијатива, со што е ускратена институционалната борба против политичките субјекти кои се служат со крупен капитал полни триесет години.
Делумна вина сносиме и ние кадрите, кои дозволивме кадровската политика да ни ја водат идеолошко-политички аналфабети, кои вчера почнаа да го читаат Маркс, само затоа што е модерно, но не и за да се разбере историскиот материјализам на класната борба. Ваквото флагрантно незнаење нè чинеше слом, пад на повеќегодишниот општествен активизам и борба против капиталистичкиот систем, но пред сè губење кредибилитет во редовите на и онака девастираната работничка класа, која сè повеќе се врти кон десницата и неа ѝ дава легитимитет во водењето на борбата за остварување на своите интереси. Политичко-економски оксиморон, со оглед на тоа како помина работничката класа кога се сврте кон десницата, особено во време на подем на фашизмот и нацизмот во Италија и Германија.
Секако, овде предвид доаѓа и опортунизмот на внатрешно партиските фракции кога е во прашање Левица, особено на оние кои се собираа околу либерално левиот центар на Здравко Савески и организацијата „МО – Црвени“, кои со својот конформизам, легализам, и опортунизам подеднакво се одговорни за сè она што се случи во редовите на партијата. Борбата помеѓу Савески и Апасиев за превласт во партијата стана и повеќе од лична, борба на лични суети, борба која на некој начин навести раскол во партијата, па и го поплочи патот на лидерство на еден човек, иако партијата Левица од самиот почеток беше поинаку структурално поставена.
Меѓутоа, никако не смее да се амнестира од одговорност ниту левата струја во партијата, многу мала група, од вкупно пет-шест членови на ЦК и Президиумот, единствената статутарна фракција која во таа борба меѓу Апасиев и Савески ја зазема страната на вториот, ја форсираше својата политика исклучиво со матрицата на Троцки, па со нивниот ентризам им даде повод повеќе на останатите да го направат она што ќе го направат подоцна.
Нивното политичко самоубиство не може да се опише поинаку, освен како борба за остварување на свои лични и теснопартиски интереси на сметка на останатите, имајќи предвид дека на самиот почеток се позиционираа на страната на посилниот (Апасиев) за да ја елиминираат „петтата колона“, своите идеолошки непријатели, за да дојдат до највисоките раководни структури на партијата. Во што и успеаја по исклучувањето на сите членови на Иницијативниот одбор на вонредниот Пленум на партијата. Оваа мала субверзивна група и ден-денес на социјалните мрежи ја води својата безопасна борба, докажувајќи се за левичари а, меѓутоа, таа мала група повеќе нема никаков политички кредибилитет да зборува во име на обесправените, таа едноставно ќе заврши на ѓубриштето на историјата.
Меѓутоа, нивната политичка кратковидост скапо ги чинеше, кога почнаа да ги губат сите битки во внатрепартиската борба со десната струја предводена од Апасиев, кој под своја контрола имаше околу десетина членови на ЦК. Тивката војна, далеку од очите на јавноста, се водеше во текот на цела 2018 година, во која беа вклучени, условно речено, две страни, десна и лева, иако идеолошко-политичкиот судир беше значително покомплексен од она што некои денес сакаат да ѝ го прикажат на јавноста.
Тој судир кулминираше на последните две седници на ЦК, од 18 ноември и 16 декември 2018 година, на кои бев лично присутен. Последната беше само чиста формалност, чие одржување на 3 февруари 2019 година, поради недостаток на кворум, е откажано, бидејќи пред тоа приврзаниците на десната страна на Апасиев ја напуштија седницата по жолчна расправа околу составот на Президиумот. Само 24 часа подоцна, таа иста група со молскавичен маневар во кој го искористија службениот печат и штембил, противправно ја присвоија партиската архива, а подоцна и партиските пари во висина од скоро 100.000 €. Тогашниот член на ЦК Дарко Димитров се присеќава:
„Таа седница на ЦК помина во мошне жолчна атмосфера и беше продолжение на настаните од претходните две. Нова можност за Апасиев по пат на дискредитирање на останатите членови на раководните органи да се обиде да ја прекине седницата. Намерата успеа да ја оствари со својата позната вулгарна реторика, потенцирајќи дека повеќе не сака да соработува со секташи, како што ги нарече, пред да ја напушти седницата заедно со своите приврзаници“.
Не требаше многу, по изведениот пуч, да се огласи новиот наследник на партијата Левица, по пат на Циркуларен допис, на 15 февруари 2019 година, од страна на Президиумот на членовите на партијата (во чиј потпис беше видливо името и презимето на Димитар Апасиев) и да биде соопштено во јавноста преземањето на партијата. Со тоа се уништи секоја надеж за консолидирање на партиските редови. Преземањето на партијата му даде ветер во едра на Апасиев, па после тоа започна да се пресметува со многуте неистомисленици кои ги товари за наводни малверзации и злоупотреби на службена положба. Но, она што морам да го напоменам е дека во моментов се во тек неколку судски постапки кои се водат против поранешни членови на партијата, но и постапки против Апасиев и партијата Левица со која тој раководи по нелегитимно одржаниот редовен Пленум, каде е сменет Статутот на партијата и воведена е функцијата Претседател на партијата. Меѓутоа, во интерес на инволвираните страни во овие постапки кои се водат во Основното Јавно обвинителство нема да изнесувам повеќе детали.
Единствено во тој контекст истакнат член на партијата и највисоките раководни органи, како и некогашен член на КП на Македонија, Перо Оџаклиевски, ќе рече:
„Борбата со реакционерните елементи кои нелегитимно ја присвоија партијата и понатаму трае и од тоа не се откажуваме, и покрај одбивањата на сите наши жалби за нелегитимната одлука за промена на раководните органи на партијата Левица. Нашиот спор со новото раководство на партијата и лично со Апасиев и натаму трае во Вишото Јавно обвинителство.“
Она што уште треба да се напомене на крајот на оваа анализа е и тоа дека оваа партија во моментов се подготвува за претстојните парламентарни избори закажани за средината на следниот месец, чија кампања е во тек. Што се однесува до ставовите на партијата, тие не се сменети, остануваат исти како и целата претходна година кога е продолжена десната националистичка реторика на надојден популизам.
ЗА АВТОРОТ: ГОРДАН СТОШЕВИЌ
Авторот на оваа опширна анализа е новинар, основач и главен и одговорен уредник на интернационалниот веб портал ilgridodelpopolo.com. Интервјуа со Стошевиќ, како и негови анализи се објавуваат во реномирани медиуми како Monthly Review, Marx21.it и други.