Во изминатиот период едно од главните прашања во државата е Законот за употреба на јазиците. ЦИВИЛ Медиа разговараше со професорката Ана Чупевска – Станишковска кој е нејзиното мислење во однос на овој закон.
Чупевска – Станишковска: Убедена сум дека Законот е тука за да овозможи што е можно поголема етно-културна правда, и во таа смисла законот овозможува помошна правда кон веќе установени права врзани за Рамковниот договор, и посебно амандманот 5 во поглед на тоа. Дополнително, целта е да се олесни комуникацијата со органите на власта, и оттука законот пропишува точно во кои ситуации ќе се употребува јазикот, имено дека тој нема да се употребува во меѓународна комуникација, туку во комуникацијата со органите на власта, нотарските служби, судски постапки и слично.
ЦИВИЛ Медиа: Како би влијаело донесувањето на законот во нашето општество?
Чупевска – Станишковска: Па секако позитивно ќе влијае, бидејќи како што кажав и претходно, целта на тој закон е да се заокружи употребата на Рамковниот договор, и да се овозможи што е поголем степен на етнокултурна правда. Тоа значи дека државните органи, односно услугите на државата ќе бидат допостапни за Aлбанците во случајот, меѓутоа тоа може да се однесува и на други секако. Со поголемата достапност се очекува поголема лојалност. Дополнително самиот закон ги инвалидизира обидите за било какво федерализирање или локализирање или јазична геотизација во конкретна област, и дотолку повеќе што дисперизирана употреба на јазикот фактички се овозможува достапност на сите органи да бидат поблиску до оваа конкретна заедница.
ЦИВИЛ Медиа: Како би завршил целиот процес на донесување на овој закон, со оглед на тоа дека имаме една страна која што го бојкотира тој закон?
Чупевска – Станишковска: Не знам како ќе заврши, очекувам дека на крајот може ќе има некои мали измени, другата опција е за тоа што нив им пречи е да се оспори на Уставниот суд, но во секој случај што и да се случува сè што е во рамките на процедурата е оправдано, меѓутоа не на сметка на реформските приоритети околу кои што сме се договориле. Значи блокадите колку и да постојат во процедурална смисла, колку и да се легитимни, тие не би пречеле во никој случај да го доведат во прашање самиот реформски процес.
Ангела Петровска
Камера и фотографија: Биљана Јордановска
Монтажа: Ермин Климента