До попладне, на територијата на државата, се активни дестина пожари со разлилчен итензитет и тоа: кај месноста Бајаз Тепе, кај селата Нов Истевник, Разловци, Драгоево, Топлица и Романовце, на потегот меѓу селата Раовиќ и Буковиќ, меѓу селото Дивље и месноста Крушје, кај селата Дрен и Смолани, на Китка и крај патот Шипковица-Бродец, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Пожарот во атарот на Делчевско е активен и се појавиле нови жаришта. Пожарот кај с. Разловци на местото викано Чокалица е локализиран, но екипите сѐ уште се на лице место. Пожарот кај селата Тработи и Нов Истевник на патот кон Света Вода е ставен под контрола, но на местото остануваат вработени од Шумското стопанство за да ја контролираат состојбата, а останатите се повлечени и упатени кај с. Разловци.
Сѐ уште е активен и пожарот на територијата на Општина Пехчево и се шири на територијата на Берово. Гаснењето се одвива на непристапни подрачја над с. Будинарци и од силниот ветер огност се шири кон с. Мирашинци, каде гори борова шума. Од ЦУК посочуваат дека се бара помош од Армијата, бидејќи ситуацијата е алармантна.
Пожар избувнал и во с. Драгоево во Општина Штип, а според ЦУК, има сознанија и за ново жариште кај с. Богословец на територијата на Свети Николе.
Огнената стихија на потегот меѓу селата Раовиќ и Буковиќ во Општина Сарај се движи кон сртот и нема опасност за селата. Таму гори мешана шума на доста непристапен терен, па на место на пожарот нема ниту една екипа.
Со воздухоплови е дејствувано во реонот на Катланово, односно на потегот меѓу селата Дивље и месноста Крушје. Пожарот сега се движи кон Дивље и поради дејството на авијација, оневозможено е гаснење од земја.
Пожар е регистриран на Преслап на Китка, кој со време губи на сила.
На подрачјето на Прилеп се активни два пожари и тоа кај селата Дрен и Смолане, каде гори сува трева и шума, а постои опасност да биде зафатена и високостеблеста борова шума кај с. Топлица покрај магистралниот пат Прилеп – Градско.
Помали пожари се активни покрај патот Шипковица-Бродец во Тетовско, каде гори сува трева, како и во атарот на кумановското с. Романовце, каде е опожарена сува трева.
На територијата на Велес локализиран е пожарот од правец на Крушје кон с. Џидиминци и тој не се шири, додека огнот меѓу селата Иванковци и Мамутчево, откако се опожарени 8 хектари стрништа, е изгаснат.












