Угостителите, туристичките агенции и сметководителите денеска протестираа пред Владата барајќи средба со економскиот тим на Владата.
Очекуваат да бидат повикани на средба во Владата и при имплементацијата на шестиот пакет мерки да бидат земени предвид и нивните барања. Во следните денови ќе им остават простор на надлежните институции да постапат по нивните барања, а по празниците, ќе излезат со нов план на активности доколку не наидат на разбирање.
– Без вистинска и континуирана поддршка, нема спас за овој сектор. Веруваме дека средствата кои се предвидени во шестиот пакет мерки можат да помогнат да се ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, доколку се имплементираат на соодветен начин. Имајќи предвид дека постапките и процедурите за нивна имплементација сеуште не се познати и објавени, бараме во имплементацијата да се земат предвид и нашите барања бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најпогодените сектори, изјави денеска Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора.
Барањата, како што истакна Ангеловски, веќе се доставени до Владата.