Украинските власти го уапсија Вјачеслав Богуслајев, шеф на големата украинска компанија Мотор Сич, еден од најголемите светски производители на авионски мотори со седиште во Запорижја, објави Киев Индипендент.
Украинската служба за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека го сомничи Богуслајев за соработка со Русија. Според соопштението на СБУ, апсењето на шефот на Мотор Сич е „дел од криминалната истрага за нелегалните активности на Мотор Сич, односно снабдување на Русија со опрема за воени авиони“.
Покрај Богуслајев, СБУ го уапси и шефот на секторот за економски активности со други земји, но не го објави неговото име.
Двајцата се осомничени за „соработка со претставници на руската државна одбранбена компанија Ростек“, еден од главните производители на оружје за руската армија.
СБУ тврди дека тие „воспоставиле транснационални канали за нелегално снабдување на руски воени авиони со мотори од украински авиони“. Во соопштението се додава дека „Русија ја користела набавената опрема за производство и поправка на своите борбени хеликоптери Ка-52, Ми-28 и Ми-8“. Според СБУ, Русија „масовно користи“ такви хеликоптери во нападите против Украина.












