Дополнително ограничување на работното време на угостителските објекти, наместо до 23 часот тие да работат до 21 часот, е новата мерка за којашто, на предлог на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, треба да одлучува денеска Владата. Целта е да се спречи натамошно ширење на Ковид-19.
Министерот за здравство истакна дека ако евентуално актуелните мерки не даваат резултати, се размислува за целосно затворање на објектите каде се одржуваат културни настани. Постојните мерки против Ковид-19, како што оцени, се добро димензионирани и нема потреба од карантин.
„Еден од најбитните параметри е капацитетот на болниците, дали имаме слободни кревети лекари и сестри кои можат да дадат здравствана заштита. Согласно нашиот план ослободуваме се повеќе кревети, функционира системот на ротација. Нема да дозволиме да нема болнички кревет, но нашиот здравствен систен е навистина под голем притисок и во таа смила се сите овие рестрикции кои што се во сила“, рече Филипче.
Од вчера во државава се врши тестирање со брзи тестови што Министерството за здравство ги доби како донација. Од најавените 13.000 брзи тестови пристигнаа 4.000 , а останатите треба да бидат испорачани дополнително. Тестовите се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Брзите тестови се бесплатни за граѓаните, а ќе бидат распоредени низ 13- те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје, и ќе се користат како би се утврдило дали суспектните пациенти се позитивни на Ковид-19.
Како што најави министерот за здравство, Венко Филипче ќе биде купена и дополнителна количина тестови.
“Со ребалансот на Буџетот добивме близу 40 милиони денари и ќе бидат наменети за брзи тестови. Едноставно да стаса количина на тестови насекаде низ државата, во сите места каде што се прави тестирање согласно проценката и индикацијата да се направи еден или друг тип на тест“, истакна Филипче во телевизиско гостување.












