Руската Федерација продолжува да врши терористички акти против цивилното население и критичната инфраструктура на Украина, користејќи борбени беспилотни летала од Иран, соопшти вечерва украинското Министерство за надворешни работи.
Само во последната недела, Руската Федерација насочи повеќе од сто ирански дронови-камикази против станбени згради, електрани, пречистителни станици, мостови и игралишта во голем број украински градови. Десетици луѓе, меѓу кои и деца, загинаа и беа повредени. Една третина од енергетската инфраструктура на Украина беше погодена. Оштетени се и зградите на две дипломатски претставништва во Кијив, се додава во соопштението.
Според Министерството, обезбедувањето оружје за водење агресивна војна во Украина и убиство на украински граѓани, го прави Иран соучесник во злосторството на агресија, воени злосторства и терористички акти извршени од Русија против Украина.
Го повикуваме Техеран веднаш да престане да ја снабдува Русија со какво било оружје. Во спротивно, Иран и неговото раководство ќе сносат најстрога одговорност, вклучително и во рамките на меѓународните правни постапки кои се однесуваат на злосторствата на Русија против Украина, се истакнува во соопштението.
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба денеска апелираше и до шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија да воведат санкции против Иран поради помагање на Русија во нејзиниот терор против Украинците.
Украина ќе ги преземе сите расположливи мерки за заштита на своето цивилно население, суверенитет и територијален интегритет од надворешна агресија, притоа спроведувајќи го неотуѓивото право на самоодбрана согласно Повелбата на ОН, пишува во соопштението на украинското МНР.