UN Women одбележува 15 години од своето постоење, задоволни што светот покажува напредок во родовата еднаквост што ги промени животите на жените и девојчињата низ целиот свет.
Иако ова е причина за прослава, велат од организацијата, напорите за еднаквост се намалуваат.
Во продолжение соопштението на UN Women по повод 15-годишнината:
Анкета од март 2025 година покажува зголемување од 60 проценти на загриженоста за недостатокот на напредок во родовата еднаквост. Податоците на UN Women од повеќе од 150 владини извештаи потврдуваат зошто: речиси една од четири земји доживува реакција против правата на жените. Родово-базираното насилство се зголемува. Дигиталниот родов јаз се продлабочува. А над 600 милиони жени и девојчиња сега живеат во близина на конфликтни зони.
Овој историски и несигурен момент се заканува да ги поништи тешко стекнатите придобивки. Постигнатиот напредок не може да се земе здраво за готово. Оваа година, кога одбележуваме 30 години од Пекиншката декларација и Платформата за акција и 25 години од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ООН, е време за храбро лидерство и непоколеблива посветеност за исполнување на ветувањата дадени во Агендата 2030 и Целите за одржлив развој; Агендата за жени, мир и безбедност; и Пекиншката декларација и Платформата за акција.
UN Women ја одбележува својата 15-годишнина со обновена посветеност да продолжи да им помага на 4-те милијарди жени и девојчиња низ целиот свет. За да се поттикне родовата еднаквост, UN Women повикува на 15 акции:
- Справување со негативните реакции против правата на жените:
- Факт: Во 2024 година, речиси една од четири земји пријавила негативна реакција против правата на жените, што претставува значителен регрес во заложбите за родова еднаквост.
- Решение: Обновената политичка волја е од суштинско значење за да се заштитат тешко стекнатите придобивки за сите жени и девојки, како што е ветено во Пекиншката декларација и Платформата за акција, вклучително и обезбедување дека правните, политичките и финансиските системи активно ја унапредуваат, а не ја попречуваат, родовата еднаквост.
- Крај на конфликтите:
- Факт: Во 2023 година, приближно 612 милиони жени и девојчиња живееле во радиус од 50 километри од конфликтна зона, што е повеќе од 50 проценти повеќе отколку пред една деценија.
- Решение: Зголемување на инвестициите во спречување на конфликти, медијација и градење мир.
- Застапеност на жените во мировните процеси:
- Факт: Мирот трае подолго кога жените се на масата за преговори. Но, помеѓу 2020 и 2023 година, во 8 од 10 мировни преговори и 7 од 10 медијациски напори немало вклучени жени. И покрај докажаното влијание, жените остануваат исклучени од мировните процеси.
- Решение: Страните во конфликтот и преговарачите и другите актери мора да ги почитуваат глобалните обврски за целосно, еднакво и значајно учество на жените во мировните процеси.
- Искоренување на сиромаштијата
- Факт: Една од десет жени и девојчиња живее во екстремна сиромаштија (живеејќи со помалку од 2,15 долари по лице дневно), а со денешното темпо, за да се стави крај на тоа ќе бидат потребни уште 137 години.
- Решение: Владите мора да усвојат робусни политики за социјална заштита – како што се парична помош за семејства со ниски приходи, платено породилно отсуство и безбедни пензиски системи.
- Крај на несигурноста со храната:
- Факт: Малите земјоделци, од кои мнозинството се жени, произведуваат 1/3 од светската храна, но 47,8 милиони повеќе жени отколку мажи се соочуваат со умерена или тешка несигурност во исхраната.
- Решение: Владите мора да донесат закони и политики за да го намалат родовиот јаз во продуктивноста на земјоделството и родовиот јаз во платите во прехранбените системи, за да го намалат бројот на луѓе кои се несигурни за храна за 45 милиони.
- Крај на насилството врз жените:
- Факт: На глобално ниво, на секои 10 минути е убиена по една жена или девојка од рацете на партнер или близок роднина. Вкупно 85.000 жени и девојки биле намерно убиени во 2023 година.
- Решение: Владите и институциите мора да ги зајакнат законите за насилство врз жените, да го подобрат собирањето податоци и да промовираат пристап на нулта толеранција. Партнерите мора да го зголемат финансирањето за организациите за правата на жените и институциите што ги штитат и поддржуваат жртвите и нивните семејства.
- Промовирање на пристапот на жените до економијата:
- Факт: Жените извршуваат 2,5 пати повеќе неплатена работа за нега од мажите, вклучувајќи вкупно 250 милиони часови дневно поминати во собирање вода – три пати повеќе од мажите и момчињата, што го ограничува нивниот пристап до формалниот пазар на трудот.
- Решение: Инвестирањето во системи за нега и пристојни работни места во секторот за нега би можело да создаде речиси 300 милиони работни места, како што се грижата за деца и грижата за стари или болни лица, до 2035 година, трансформирајќи ги и животите и економиите.
- Искоренување на родовиот јаз во платите
- Факт: На глобално ниво, жените сè уште заработуваат 20 проценти помалку од мажите за работа со еднаква вредност. Јазот во платите останува реалност за жените, поттикнат од структурни нееднаквости како што се сегрегацијата на работното место, казните за нега и континуираната дискриминација.
- Решение: Владите и работодавачите мора да обезбедат еднаква плата за еднаква работа, да обезбедат транспарентност на платите, да го прошират пристапот на жените до подобро платени улоги, да обезбедат правично родителско отсуство и да ги зајакнат законите против дискриминација на работното место.
- Заштита на планетата:
- Факт: Климатските шокови би можеле да доведат уште 158 милиони жени и девојчиња во екстремна сиромаштија до 2050 година. Само 28 проценти од министрите за животна средина се жени – и покрај јасните докази дека женското лидерство води кон поефикасни климатски политики.
- Решение: Владите мора да обезбедат еднаква застапеност во лидерството за климатските промени, зголемени инвестиции во родови политики и финансирање за решенија предводени од жени за да се спречат климатските шокови.
- Зголемување на лидерството и политичкото учество на жените:
- Факт: Речиси 75 проценти од пратениците денес се мажи , а 103 земји никогаш немале жена шеф(ица) на државата. Со ова темпо на напредок, еднаквоста во врвното раководство нема да се постигне уште 130 години.
- Решение: Квотите функционираат – тие отвораат врати за жените во политиката. Но, вистинскиот напредок значи да се оди понатаму: борба против општествените норми и стигмата што ги спречуваат жените и запирање на насилството што ги таргетира кога ќе дојдат на власт.
- Отстранување на дискриминаторските правни рамки:
- Факт: Жените сè уште имаат само 64 проценти од законските права што ги уживаат мажите. На пример, во 51 процент од земјите постои барем едно ограничување што ги спречува жените да ги работат истите работи како и мажите.
- Решение: Владите мора да ја елиминираат законската дискриминација и да инвестираат во закони што ги штитат и унапредуваат правата на жените.
- Намалување на дигиталниот родов јаз:
- Факт: 277 милиони повеќе мажи отколку жени користеле интернет во 2024 година. Доколку дигиталниот родов јаз продолжи, земјите со ниски и средни приходи може да изгубат 500 милијарди американски долари приход во следните пет години.
- Решение: Затворање на дигиталниот родов јаз и справување со дигиталната злоупотреба, тролањето, следењето и другите форми на насилство врз жените олеснето од технологијата. Мора да се отстранат бариерите за еднакво учество и лидерство на жените и девојчињата во науката, технологијата и иновациите.
- Обезбедување на родова еднаквост во образованието:
- Факт: Над 119 милиони девојчиња сè уште не одат на училиште , а 39 проценти од младите жени не го завршуваат средното образование.
- Решение: Владите и заедниците мора да ги намалат трошоците за школување, да понудат парични трансфери и да обезбедат безбедни и инклузивни образовни средини.
- Крај на мајчината смртност:
- Факт: Речиси 800 жени умираат секојдневно од причини поврзани со бременоста што можат да се спречат – 61 процент од овие смртни случаи се случуваат само во 35 земји погодени од конфликт.
- Решение: Креаторите на политиките и засегнатите страни мора да се справат со штетните родови норми, да ги зголемат инвестициите во безбедни, квалитетни и достапни услуги за сексуално и репродуктивно здравје и да ги зајакнат кревките здравствени системи.
- Зголемување на финансирањето на родовата еднаквост:
- Факт: Само 4 проценти од официјалната помош за развој беше наменета за програми со родова еднаквост како главна цел во 2021-2022 година.
- Решение: Сите засегнати страни, јавни и приватни, мора значително да ги зголемат инвестициите во родовата еднаквост како камен-темелник за унапредување на одржливиот развој и обезбедување никој/а да не биде изоставен/а.