За три дена, на 30 август на полноќ истекува рокот за собирање на потписи на независните кандидати за градоначалници и советнички листи. До средата вечер, според Државната изборна комисија, 32 независни кандидати за градоначалници во повеќе општини и советнички листи собрале потписи, а уште 33 собираат потписи.
Во тек е постапката за јавен увид во Избирачкиот список која ќе трае до 9 септември 2021 година, и заклучно со вчерашниот ден вкупно 5164 лица се провериле во избирачкиот список, поднесени се вкупно 11 барања за запишување во избирачкиот список, 12 барање за бришење на податоците и четири барања за измена на податоците во Избирачкиот список., додека на е-маил адресата upisis@sec.mk на Државната изборна комисија, поднесени се вкупно 14 барања.
Партиите продолжуваат да ги објавуваат имињата на нивните кандидати за градоначалници.
Со последните објавени имињата на уште 16 кандидати за градоначалници, СДСМ досега утврдила кандидати за градоначалници за вкупно 51 општина за претстојните локални избори. СДСМ ја има најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Тоа е препознаено и од граѓаните, затоа СДСМ води на сите анкети, затоа е убедлив фаворит на локалните избори, велат од партијата.
Премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев изјави дека неговата партија јасно стои на пораката за заеднички настап и меѓусебна поддршка на овие локални избори.
На БЕСА како помал партнер од СДСМ и ДУИ, посочи тој, и даваме шанса скоро секаде да настапи. На тој начин граѓаните имаат опција насекаде да ги изберат најдобрите кандидати и кој од нашите коалициски партнери, вклучувајќи ги и СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА и другите помалку бројни партии, ќе добие поддршка од граѓаните на нивниот кандидат сите ќе го поддржиме во вториот круг, наспроти опозицискиот кандидат, прецизира Заев.
За него големиот број на независни листи на локалните избори покажува дека има демократија. Смета дека дел од тие листи нема да имаат претставници во локалната власт, а дел по неколку.
Истакна дека има доволно време до 11 септември, кога истекува рокот за поднесување на листи, за да се направи вистинскиот избор на кандидати на СДСМ за локалните избори.
Рокот за поднесување на листите е 11 септември, а локалните избори ќе се одржат на 17 октомври.













