Уставен суд на денеска на седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Оспорен е процентот во членовите 17 и 18 од Изборниот законик. Со тие членови се наметна обврска на група избирачи да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.
Со членот 17 е изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, сега со оспорените измени, подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи, добија обврска да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Со членот 18, пак, изменет е член 62 став 1 од Изборниот законик, па сега групата избирачи треба да соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска и други, како група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје.
Овие измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.