Набљудувачкиот тим на ЦИВИЛ достави видео снимка на која се гледа полициска акција на приведување на малолетни лица од дворот на семејната куќа на едното од нив. Според сведоштвото обезбедено од набљудувачите, се работи за малолетни лица што слушале музика во дворот за време на полицискиот час, вечерта на 17 мај.
Изјава за локалните медиуми (Радио Кочани) дала и мајката на едното од децата, Адријана Георгиева. Според нејзината изјава за радиото, децата се собрале на роденден, слушале музика на телефон и правеле скара. По пријава за вознемирување, во 23:50 часот, 15-тина полицајци упаднале во дворот, му го скршиле телефонот на едното од децата, а на друго дете му ја повредиле раката.
Наводно, децата посегнале по секири, но според изјавата на мајката, секирите биле во шупата, а претходно им требале за да ја подготват скарата. Децата биле задржани во полициска станица цели 24 часа. Според изјавата на Георгиева, односот на полицајците, кога била во полициската станица да праша за своите деца, бил некоректен. Не ѝ дозволиле да разговара со своите деца, дури ни да ги види. „Ме испарталија како куче“ – вели таа за Радио Кочани. Според неа, едно од децата било малтретирано во полиција.
Приведувањето, како што се гледа од снимката, се врши без почитување на мерките за заштита од коронавирусот.
ЦИВИЛ се обрати до МВР со следните прашања утрото на 26 мај 2020:
- Зошто се приведени децата?
- Зошто не се спроведуваат мерките за заштита од коронавирусот во постапката?
- Дали полициските службеници имаат судски налог за приведување?
Во очекување на одговор од МВР, го објавуваме видео записот од полициската акција во Кочани.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ