Овде ќе се задржам само на анализа на етничкиот македонски електорат, а во следниот текст на етничкото албанско гласачко тело, каде што СДСМ се чувствуваше истовремено најудобно и најпотценувачки.
Деновиве, од високи функционери на СДСМ слушаме разни оправдувања за слабиот одзив и слабиот резултат за нивниот кандидат Стево Пендаровски на првиот круг од претседателските избори. Меѓу нив, слушавме дека вината се бара и во Преспанскиот договор и договорот со Бугарија.
Развојот на настаните од последните парламентарни избори до денеска ни даде една голема лекција, дека во политиката треба да се однесуваме чесно и искрено, да не заборавиме на нашите зборови, да дејствуваме храбро и искрено и дека само така може да идеме напред, било „заедно“, било „индивидуално“.
Оправдувањето дека македонскиот електорат ги казнува СДСМ и Пендаровски заради Преспанскиот договор е големо промашување, погрешна анализа и погрешен заклучок. А, освен ова, зборува за фактот дека владините функционери сѐ уште не сакаат да ја прочитаат вистинската порака на граѓаните на овие избори. Да се потсетиме, договорот со Грција и предлогот за уставни измени се легитимираа на националниот референдум кој доби 609,427 гласа ЗА. Оваа бројка е речиси двојно поголема од бројот на гласови што ги доби кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
Да беа граѓаните против договорот немаше да се добие тој резултат на референдумот. Добро е да се потсетиме и дека и самиот премиер и владини функционери во 2018 заклучија дека договорот се легитимирал на тој референдум. Со ова образложение преминавме и на уставни измени, а сега слушаме од истите луѓе дека договорот бил причина за лошиот резултат.
Вистина е дека граѓаните беа иритирани од договорот, но на нив им беше ветено дека тој договор е важен за Северна Македонија да оди напред и на економски план, и во интегративниот процес. Беше ветено и дека придобивка од овој процес ќе биде и враќање на правната држава. Наместо сите овие ветувања, ние не добивме правда туку пазарење со правдата.
Ајде да ја оправдаме и амнестијата за 27 април, за која оправдувањето беше дека се потребни бројки во Собранието за гласање на уставните измени. Имајќи предвид дека, за подобар живот, граѓаните го легитимираа Преспанскиот договор, очекувано е дека ја оправдале и амнестијата за пратениците од 27 април. Но тоа што не простија граѓаните е обратното на ветеното. Наместо правда, власта направи пазар и со други закони и случаи кои се поврзуваат со правдата и правниот систем.
Наместо одговорна влада, транспарентно владеење и подобра економија, граѓаните беа сведоци на скандали во владиниот кабинет. Фондот за иновации направи скандал, а немаше никаква одговорност. Непотизмот и роднинските вработувања, делењето на тендери, не само на роднини на сегашни функционери, туку и на функционери на претходната власт, се само дел од постапките на владата што ги иритираа граѓаните.
Овие се, конечно, главните причини за кои граѓаните, а особено Македонците, ја казнија оваа власт. За жал, сметката ја плати Стево Пендаровски, кој не беше учесник во ниту еден од скандалите.
Накратко, граѓаните го прифатија Преспанскиот договор со надеж за интеграции, економија и правна држава, а за возврат добија непотизам, корупција, скандалозни тендери и недостиг на економски развој. А да не зборуваме за социјалниот пакет во кој Министерката Царовска чепкаше и во додатокот за трето дете.
Владата треба да размисли со ладна глава, искрено и храбро! Пендаровски не заслужува да биде жртвуван за фотелјата на неодговорните министри и директори, ниту за тајните договори и амнестии, кои се непотребни.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.