Владата на Република Северна Македонија на денешната 78 тематска седница, ги разгледа и усвои информациите во врска со склучување на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра.
Ова се само дел од средствата и проектите обезбедени со одлука на Влада за прераспределба на парите од концесионерот ТАВ, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ општините во целата држава и ќе се прошират капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.
Предвидено е севкупно, 75 општини да реализираат 99 инфраструктурни проекти, за што се издвоени 35 милиони евра.
Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти.