На денешната прес-конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински и премиерот Христијан Мицкоски го најавија почнувањето на јавниот повик за проекти во вредност од 250 милиони евра, општините можат да аплицираат за инфраструктурни проекти од областа на култура, спорт, животна средина, патна инфраструктура, социјалната политика и образование.
Мицкоски изјави дека Владата ќе одвои 250 милиони евра, а целта на јавниот повик отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.
Владата вкупно планира да одвои 250 милиони евра, а со денешниот прв јавен повик се ставаат на располагање 100 милиони евра.
Перински истакна дека средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа: Министерството за култура и туризам; Министерството за транспорт; Министерството за социјална политика, демографија и млади; Министерството за образование и наука; Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.
За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.
Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа.