За да не се повтори тоа што им се случи нив во 2011, ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да се одложи пописот за во 2021 година. Според Илија Димовски законот е непрецизен, а предлагаат измени кои тој ги нарече принципиелни работи. За почеток тие немаат доверба во директорот на Заводот за статистика и затоа бараат операцијата да ја води едно тело од академици и професионалци кое ќе се бираат во Собрание.
Во законот ВМРО-ДПМНЕ ќе побара да се дефинира што значи резидентно население и тоа по дефиниција на ЕУ и ЕУРОСТАТ.
“Во меѓупартиските преговори ќе бараме во законот да се стави кој за кого може да даде податоци. Да се дефинира до кое колено може некој да попише времено отсутен член од семејството. Никако не смее да се даде можност секој за секого да може да дава податоци и тоа да се смета за релевантен податок и резултат од попис”, рече Димовски.
Меѓу забелешките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е и фактот што во новиот закон не се предвидени дата базите од претходните пописи за споредба со новите податоци. Партијата на Мицковски ќе бара и попишувачите да се бираат по случаен избор од редовите на јавната администрација, а со тоа да се запази и на правичната застапеност споредено со населението.
А. Зеќири