Велика Британија разоткри 18 руски шпиони и нивните единици одговорни за сајбер напади во Велика Британија и хакирање на една од жртвите од труењата во Солсбери, изјави министерот за надворешни работи Дејвид Лами, објави Гардијан.
Најавувајќи индивидуални санкции, Лами рече дека Русија во последните години ги таргетирала медиумите, телекомуникациските оператори, политичките и демократските институции и енергетската инфраструктура во Велика Британија.
Тој, исто така, рече дека двајца од шпионите биле вклучени во поставување шпионски софтвер X-Agent на уред што го користела Јулија Скрипал, ќерката на поранешниот шпион Сергеј Скрипал, пет години пред да бидат отруени со Новичок во Солсбери во 2018 година.
Скрипалови го преживеале нападот на британска територија, но една жена, Дон Стерџис, била убиена откако нејзиното момче наишло на отровот во шишенце парфем, пишува Гардијан.
Се верува дека X-Agent е поврзан со хакерската група Fancy Bear, која има врски со руската воена разузнавачка единица 26165 на ГРУ, која е погодена од санкции.
Владата соопшти дека некои од агентите од единицата биле вклучени и во бомбардирањето на театарот Мариупол во Украина, каде што беа убиени стотици цивили, вклучувајќи деца, и во спроведувањето пошироки сајбер операции во поддршка на рускиот претседател, Владимир Путин.
Лами рече дека Велика Британија ги разоткрива руските шпиони и хакери за да ја зголеми безбедноста.
„Шпионите на ГРУ водат кампања за дестабилизација на Европа, поткопување на суверенитетот на Украина и закана за безбедноста на британските граѓани“, рече тој.
„Кремљ не треба да се сомнева. Гледаме што се обидуваат да направат во сенка и нема да го толерираме тоа. Затоа преземаме решителни мерки со санкции против руските шпиони.
„Хибридните закани и агресијата на Путин никогаш нема да ја скршат нашата решителност. Поддршката на Велика Британија и нашите сојузници за безбедноста на Украина и Европа е неоспорна.“
Имињата на наводните шпиони беа објавени на интернет. Санкциите обично вклучуваат замрзнување на средства и забрани за патување.
Д. Т.