Власта најавува дека нема да има одложување на пописот во државата што треба да се одржи догодина, за што законското решение веќе е во собраниска процедура.
Пописот, како што рече премиерот Зоран Заев мора се одржи догодина, а ќе се спроведе по стандарди на ЕВРОСТАТ. Опозицијата, пак, не го прифаќа предложеното решение за пописот, со оценка дека тоа е штетно, неевропско и не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население. По ваквите спротивставени ставови, беше прекината и седницата на собраниската комисија која требаше да расправа по предлог-законот, заради дополнителни консултации, а беа најавени разговори за усогласување на ставовите на власта и опозицијата.
„Дефинитивно не прифаќам одложување на пописот за 2021 година“, рече премиерот Зоран Заев за најавените средби со опозицијата неделава на кои ќе се разговара за Законот за попис.
Тој нагласи дека и кај нас ќе се применуваат, како и секаде во светот, стандардите на ЕВРОСТАТ.
„Домаќинство кое влегува во попис е секое што живее тука или се отселило од државта не подолго од една година. Секој што повеќе од една година е надвор од државата се попишува, но не влегува во домаќинства, а ќе биде попишан како дијаспора, како семејство или граѓанин кој живее надвор од државата“, појасни Заев.
Заев додаде дека во последните две години ги добиваат податоците од МВР и се знае во секој момент кој граѓанин е повеќе од две години надвор од државата.
Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев на седницата на комисијата побара Предлог-законот за попис да се повлече.
Иако предлогот не беше повлечен од дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања, претседателот Артан Груби ја прекина работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој Предлог-закон.
Тој изјави дека ДУИ во врска со овој текст нема никаков проблем, ниту тој како претседател на Комисијата за европски прашања.
„Сметаме дека овој Предлог-закон е прифатлив и затоа му дадовме поддршка во Владата и ќе го поддржиме во Собранието. Ќе видиме на кои ставови ќе се усогласат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ па потоа ќе ги дадеме нашите ставови врз основа на нивните забелешки. Јас немам видено никакви забелешки од страна ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ, и сметам дека коалициски останува на овој Предлог-тескт кој исто така е прифатлив и за ЕУ“, рече Груби.
Тој истакна дека ДУИ е отворена за дебата и се надева дека законот ќе биде усвоен навреме за да може да се реализира пописот во април 2020 година.