Пред средбата со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, премиерот Заев одговарајќи на прашањето од БГНЕС – дали се подготвени за сериозни преговори и какви гаранции ќе даде Северна Македонија кон Бугарија, рече дека треба секогаш да се разговара и да се бараат решенија.
„Два пријателски и братски народи треба секогаш да разговараат и да бараат решение. Решението е тука некаде околу нас. Мора да го најдеме. Секогаш се надевам разговорите да се успешни, но и да не успееме овој пат, секако ќе направиме чекор повеќе за да може да се надеваме дека следниот пат ќе успееме“, истакна Заев.
Премиерот Заев нагласи дека наша обврска е према двата народи да направиме сè затоа што треба да се поддржуваме i да се помагаме на патот кон Европската Унија.
Премиерот Заев на средбата со Борисов, како што информираат владините служби, истакнал дека тој и владината делегација се во Софија за да се вложат напори за градење доверба и да се направи чекор напред кон решение бидејќи македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка.
На средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, беше изразена желбата, врз основа на претходните позитивни искуства од подготовката и потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и врз основа на лидерството на Бугарија во однос на проширувањето на ЕУ кога претседаваше со Советот на Европската Унија, со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и на Западен Балкан.