По потпишувањето на Договорот за заеднички настап на парламентарните избори за 2020 година со претставници на 24 коалициони партнери, што се одржа во вечерните часови на 11 март, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одговори и на прашањето од медиумите дали ќе има избори, со оглед на пандемијата на коронавирусот.
Заев рече дека не е добро да се одложат изборите и дека на лидерската средба што ја свика техничкиот премиер Оливер Спасовски ќе се прецизира каков вид кампања ќе се води.
„Јас лично не гледам на ниту еден начин, ниту било која причина за изборите да се одложуваат. Тоа е целта која сакаме да ја постигнеме и не е добро да се одложат изборите, тие треба да се одржат. Сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен, веќе е подготвено сѐ она што е претходна постапка и е завршено. Сега можеби корона вирусот ќе нѐ стави во позиција на некои поинаков вид на кампања, секако електронските медиуми се на располагање, интернет можностите се на располагање, видео стримови и така натаму, можеме да ги поставиме и верувам дека ќе допреме до граѓаните. Важно е граѓаните да знаат за што ќе гласаат, да знаат што ќе бираат и како да изберат“ – изјави Заев.