Граѓанската иницијатива „Зачекори напред“, денеска, ја завршува граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“, која во изминатите три недели, на граѓаните им овозможи пристап до релевантни информации за придобивките и предизвиците од зачленувањето во Европската Унија и НАТО, како и за договорот со Грција.
На крајот од оваа кампања, ги повикуваме сите граѓани, во наредните денови, да го прочитаат Договорот од Преспа (http://zacekorinapred.mk/integralen-dogovor-makedonija-grtsija/), дополнително да се информираат за сите детали врзани за референдумот, и на 30 септември да излезат и да го искористат своето право на глас, за едно од најважните прашања во поновата македонска историја.
На интернет-страницата на иницијативата„Зачекори напред!“, (http://zacekorinapred.mk/), граѓаните можат да најдат детална анализа на најважите членови од Договорот во Преспа, да прочитаат бројни информации и анализи од сферата на економијата, здравството, земјоделството, владеењето на правото, заштитата на човековите права, образованието, животната средина, како и да ги пронајдат одговорите на најчесто поставуваните прашања за ЕУ, НАТО и Договорот. Сите овие информации ќе им помогнат на граѓаните подобро да се информираат и врз основа на тоа да изградат сопствен став и да донесат сопствена одлука.
Носители на граѓанската иницијатива се: Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Младински образовен форум (МОФ), Цивил – Центар за слобода, ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Рурална коалиција, Асоцијација за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и Центар за современи уметности.