Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето најново обраќање, открива дека САД ќе дадат поддршка за Украина во вредност од 33 милијарди долари. Според него, повеќе од 20 милијарди долари ќе бидат наменети за потреби на одбраната.
„Денес имаме сериозни вести за нашата држава, за нашата заштита. Прво, САД подготвија нов пакет поддршка за Украина. На 33 милијарди долари. Конкретно, повеќе од 20 милијарди можат да одат за одбрана. Планирани се повеќе од 8 милијарди долари за економска поддршка. Уште 3 милијарди долари ќе одат за хуманитарна помош“ – рече Зеленски.
Претседателот Зеленски му се заблагодари на американскиот народ и лично на Претседателот Бајден за великодушниот потег.
„Ова е многу важен чекор за САД. И јас сум му благодарен на американскиот народ и лично на Претседателот Бајден за тоа. Се надевам дека Конгресот брзо ќе го поддржи ова барање за помош на нашата држава. Претседателот Бајден денес со право рече дека овој чекор не е евтин. Но, негативните последици за целиот свет од руската агресија против Украина и против демократијата се толку далекусежни што, во споредба со нив, оваа поддршка од САД е неопходна. Заедно, дефинитивно можеме да ја запреме руската агресија и сигурно да ја одбраниме слободата во Европа“, рече украинскиот претседател.
Во своето обраќање Зеленски зборуваше и за посетата на Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и нивниот разговор за начини на сопирање на руската агресија.
„Па клучното прашање во разговорите со г-динот Генерален секретар на ОН беше како да се запре руската агресија. И ова не е прашање само за Украина, за нашата судбина. Ова е прашање за судбината на Обединетите нации, судбината на меѓународното право, судбината на многу народи – а не само на соседите на Русија, кои можат да станат следните жртви на агресивните амбиции на Москва“, вели Зеленски.
Зеленски зборуваше и за посетата на Кијив од премиерот на Бугарија Кирил Петков со кој разговарал за прашања поврзани со одбраната, енергијата и транспортот.
„Друго прашање за кое се договоривме е снабдувањето со украинска струја за Бугарија и користењето на капацитетите а Трансбалканскиот гасовод заедно со бугарската страна. Благодарен сум на Бугарија за можноста да го искористиме пристаништето во Варна за извоз на нашиот земјоделски капацитет“, вели Зеленски.
Зеленски соопшти дека е во тек истрага за злосторствата извршени од руската војска.
„Статусот на осомничени добија првите десет руски војници од 64-та моторизирана бригада на руските копнени сили, кои извршија злосторства врз нашиот народ во Буча, Кијивската област. Нивните презимиња се познати. Утврдено е што направија. Ги знаеме сите детали за нив и нивните постапки. И ќе ги најдеме сите. Како што ќе ги најдеме сите други руски нелуѓе кои убиваа и мачеа Украинци. Кои го исмеваа нашиот народ. Кои уништуваа куќи и цивилна инфраструктура во Украина. Ниту еден од овие никаквеци нема да избега од одговорност“, објасни Зеленски.
подготви: Б. Ј.